Руските сили стигнаа на границата со Луганск

од Stefanija Kuzmanovska

Проруските сепаратисти во источна Украина напреднаа до административните граници на регионот Луганск, една од главните области на кои Русија се обидува да ја преземе контролата од почетокот на инвазијата кон крајот на февруари, јави во средата ДПА, повикувајќи се на руски извори.

Градот Попасна, за кој се водеа тешки борби, сега е „исчистен“ од украинските сили, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.

Гувернерот на Луганск Серхи Хајдаи ги опиша тврдењата на Русија како „фантазија“.

„Украинските сили мораа да се повлечат од Попасна, но Русите не ја пробија нашата одбрана“, напиша тој на Телеграм.

Покрај источна Украина, Русија го напаѓа и југот на земјата, особено пристаништата Мариупол и Одеса. Двата града се од стратешко значење бидејќи се наоѓаат на рутата меѓу истокот и Крим, која Русија ја присвои во 2014 година.

Во последните 24 часа има информации за засилени напади на Одеса, а Мариупол се уште е под постојано бомбардирање.

Во фабриката за челик Азовстал се уште има неколку цивили и украински војници.

Украина тврди дека вратила некои окупирани области, вклучително и села околу Харков, објави „Ројтерс“.

Слични содржини