Руските туристи во Турција прво ги напаѓаат аптеките, a дури потоа уживаат во одморот, покажала истрагата на турските медиуми. Причината се значително пониските цени на лековите – сектор кој трпи од санкциите што Западот ги воведе кон Русија.
Помеѓу 20 и 40 отсто е зголемена цената на лековите во Русија од почетокот на војната во Украина, соопшти руската статистичка служба „Росстат“, но поголем проблем е недостигот на одредени лекови. Поради зголемената побарувачка од руските туристи, околу хотелите со 5 ѕвезди на брегот на Егејското и Средоземното Море се отворени голем број нови аптеки, пренесе весникот „Хуриет“.
Во одморалиштата Анталија и Мугла, фармацевтите веќе ги научија турските еквиваленти на руските лекови. Антидепресиви, лекови против болки и лекови за дијабетес се најбарани.
Некои Руси кои сакаат да го поевтинат одморот се свртуваат кон социјалните мрежи. Таму најавуваат дека ќе отпатуваат за Турција и бараат контакт со луѓе на кои им треба лекови и се надеваат дека на овој начин ќе ги покријат трошоците за одморот.
А руските медиуми пишуваат дека царинските служби во Русија едноставно ги игнорираат лековите во куферите на Русите што се враќаат.
Во периодот од јануари до јули, Турција ја посетиле 2 милиони и 200 илјади Руси. За споредба, лани нивниот број за истиот период бил 1,5 милиони. А Анталија е најомиленото место на Русите – само од 1-ви до 17-ти август таму биле 524 илјади Руси.