Руските веслачи одбија да се натпреваруваат на Олимписките игри

Во соопштението на Веслачката федерација на Русија се истакнува дека моменталната ситуација е спротивна на сите спортски норми и закони.

од Бети Божиноска
216 прегледи

Руската веслачка репрезентација одби да учествува во квалификациите за Олимписките игри во Париз, соопшти денеска Веслачката федерација на Русија (РФСР). Одлуката да се одбие настап во квалификациите е донесена на генералното собрание на Руската веслачка асоцијација.

„Стручниот штаб на репрезентацијата заедно со спортистите по дискусија на генералното собрание одлучи да одбие учество на квалификациските натпревари и на Олимписките игри во Париз под условите и обврските поставени од Меѓународната веслачка федерација и од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК)“, се вели во соопштението.

Во соопштението на Веслачката федерација на Русија се истакнува дека моменталната ситуација е спротивна на сите спортски норми и закони.

„Ја потврдуваме желбата за учество на меѓународни натпревари на општа и законска основа, но ни се нуди учество под дискриминаторски услови со непознати последици, а со ова се поврзани и финансиски обврски. Не може да има позитивно решение со ваква формулација на прашањето“, истакна претседателот на федерацијта, Алексеј Свирин.

На 28 март минатата година, Извршниот комитет на МОК издаде препорака до сите меѓународни федерации да дозволат учество на руски и белоруски спортисти, но под неутрален статус. Во март се одржаа квалификациските трки во Мингачевир (Азербејџан), по што беше формиран рускиот тим за учество на европските квалификациски натпревари.

Европската квалификациска регата ќе се одржи од 25 до 28 април во Сегед, Унгарија. Домаќин на финалната квалификациска регата ќе биде швајцарски Луцерн од 19 до 21 мај.

Слични содржини