Прес-бирото на Службата за надворешно разузнавање (СВР) на Руската Федерација објави дека, според информациите добиени од СВР, српските одбранбени компании, и покрај декларираната „неутралност“ на официјален Белград, продолжуваат да испорачуваат муниција во Киев.
Во соопштението на својата веб-страница, СВР наведува дека едноставна шема со лажни сертификати на крајниот корисник и земјите-посредници се користи како параван за антируски активности, пишува Н1.
„Меѓу тие земји, најчесто се споменуваат членките на НАТО, првенствено Чешка, Полска и Бугарија. Во последно време, за таа цел, се ангажираат и егзотични варијанти со учество на африкански земји“, наведува СВР.
Придонесот на српската одбранбена индустрија во војната, која, како што е наведено, „ја започна Западот, а чиј исход во Европа би сакале да го видат како „стратешки пораз“ на Русија, се мери со стотици илјади гранати за повеќецевни ракетни фрлачи и хаубици, како и милиони куршуми за пешадиско оружје“.
„Ваквите испораки тешко можат да се оправдаат со „хуманитарни причини“. Тие имаат само една очигледна цел – да убиваат и осакатуваат руски војници и цивили“, се вели во соопштението на Службата за надворешно разузнавање.
Понатаму се наведува дека најголемите компании од српската одбранбена индустрија, вклучувајќи ги „Југоимпорт СДПР“, „Зенитпром“, „Крушик“, „Софаг“, „Рејер ДТИ“, „Слобода“, „Први Партизан“ и други, учествуваат во организираната „лента на смртта“ во Србија, пријателска земја на Русија.
„Се добива впечаток дека желбата на српските производители на оружје и нивните покровители да се збогатат со крвта на братските словенски народи ги натера овие луѓе целосно да заборават кои се нивните вистински пријатели, а кои се нивните непријатели“, се вели во СВР.
Оваа руска служба наведува дека Москва постојано им помагала на Србите во, како што истакнуваат, најкритичните моменти од нивната историја.
„Без разлика дали станува збор за ослободување на Србија од јаремот на Отоманската империја, спречување на национална катастрофа за време на Првата светска војна, борба против фашистичките окупатори и нивните соработници за време на Втората светска војна, бомбардирање на Белград од страна на НАТО или косовска трагедија“, наведува СВР.
На сите тие историски раскрсници, за Русите, братските врски и заедничката вера со Србите останаа несомнени, заклучува соопштението на Службата за надворешно разузнавање (СВР) на Руската Федерација.