Нема доволно докази засега за нарачателот за насилствата на 27 април минатата година во Собранието на Македонија. Тоа го изјави вечерва обвинителката Вилма Русковска, која го застапува предметот пред суд.
– Доколку не ги откриеме нарачателите, организаторите на 27 април, ништо не сме направиле. Не постојат доволно докази, ни материјални, ни вербални, за нарачателот во моментов,изјави таа за телевизија Телма.
Русковска додаде дека нејзиниот тим „се уште работи на случајот“.
Според неа, никој во предметот за 27 април не е обвинет за тероризам.
– Никаде во обвинителниот акт не е споменат зборот тероризам или терористички акт, изјави таа.
– Засега сметав дека Никола Груевски не треба да биде викнат како сведок, но можеби некогаш ќе биде повикан. Ако има поврзаност на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски со насилствата тогаш тој ќе биде обвинет, нагласи Русковска.