Сѐ поскапо: Граѓаните купуваат на акција за да го преживеат месецот

од Илинка Илиоска
275 прегледи

Со оглед на значителниот пораст на трошоците за живот, Локално спроведе анкета за да ги открие купувачките навики на граѓаните и нивната реакција на акциските цени во познатите маркети во земјава. Во 2023 година, широка потрошувачка во Македонија се очекува да достигне 1,9 милијарди евра. Меѓутоа, за граѓаните сѐ е поскапо, а пазарењето и снабдувањето со намирници потребни за пристоен живот е сѐ потешко. Најголемиот дел од месечните примања на граѓаните се користат за секојдневната потрошувачка во маркетите.

Анастасија денес за ручек ќе прави пилешки копани со зеленчук кои ги купила на акција. Таа редовно ги следи акциските попусти и зема летоци од маркетите за да го планира своето купување.

„Ги следам акциските попусти,  и купувам по актуелни цени само ако навистина имам потреба за тоа во моментот. Акциските цени и летоците ми помагаат да планирам што ќе купам и како да заштедам. Си правам список што и каде да купам.  Обично, акциските цени ми даваат идеја за ручек за следниот ден и ако има добар попуст, купувам повеќе на залиха“, додава таа.

Спротивно на ова, Василка не се фокусира исклучиво на акциските цени. „Ги следам, но не купувам исклучиво според акциските цени“, вели Василка. Таа понекогаш купува поголеми залихи ако производите имаат добар рок на траење и можат да се чуваат на собна температура.

И Ангела не ги следи акциите и не зема летоци, но ако најде некој производ по акциска цена и ако има доволно пари купува поголема залиха.

„Купувам по потреба и ако нешто е на акција што јадеме, го купуваме иако не сме планирале тогаш“, вели Ангела. Поголеми залихи купува само ако има доволно пари и производот има добар рок на траење.

Марија, пак, внимателно ги разгледува акциските цени и прави споредба во маркетите, но не купува поголеми залихи.

„Не купувам поголеми залихи бидејќи немам возило и простор за складирање“, објаснува Марија. Планирањето на оброците и за неа зависи од тоа што ќе купи.

Наталија ги следи акциските цени и преку летоци и онлајн. Вимателно планира што и каде ќе купи, но се случува да купи и производи со краток рок на траење кои се на поголем попуст.

„Купувам производи со краток рок на траење и ги користам веднаш. Само така можам да се снајдам да го поминеме месецот“, вели Наталија.

Општествената реалност ја отсликува ситуацијата со зголемените трошоци за живот.

Според Владата, инфлацијата во последните два месеца се смирила на ниво од 3%. Премиерот Христијан Мицкоски апелираше до трговците да ги ограничат маржите за да се овозможи намалување на цените на прехранбените производи, но не препорача конкретни владини мерки.

Од друга страна, синдикатите упатуваат на раст на минималната потрошувачка кошничка, која во јули достигнала 60.570 денари, додека за август се очекува зголемување на трошоците. Односно, се создава ситуација која доведува до продолжување на трендот на задолжување на граѓаните.

Во соседството, пак, ситуацијата е поинаква. Српскиот претседател најави нова кампања со значителни попусти, каде граѓаните ќе можат да купуваат производи со попуст од до 80%.

И.И.

Слични содржини