С. Арабија побара од Пакистан да се вклучи во војната во Јемен

од desk3
83 прегледи

Саудиска Арабија побарала од Пакистан воени авиони, бродови и војници, објави министерот за одбрана Хаваџа Асиф за време на дебата во парламентот по прашањето дали Пакистан треба да се вклучува во кампањата на Ријад во Јемен, соопшти “Ројтерс”.

zx450y250_2507226

Агенцијата наведува дека сунитска Саудиска Арабија побарала од Пакистан да стане дел од коалицијата, која врши воздушни напади врз шиитските бунтовници од движењето “Хути” во Јемен.

Исламабад од своја страна повеќепати истакна дека ќе интервенира во заштита против заканите за “територијалниот интегритет” на Саудиска Арабија, но не посочи точно со какви активности.

“Саудиска Арабија побара борбени авиони, бродови и војници”, изјави Асиф, кој ја посети и Турција, за да разговара за ситуацијата во Јемен. “И Пакистан, и Турција се загрижени од отфрлањето на легитимната влада на Јемен од недржавни играчи со сила … Пакистан и Турција се согласија дека продолжувањето на кризата во Јемен може да доведе до хаос во регионот.”

Актуелниот премиер на Пакистан Наваз Шариф има обврски кон Ријад, бидејќи неговата земја добива финансиска помош од Саудиска Арабија, а кога беше соборен од воен удар во 1999 година, Саудијците му дадоа азил, наведува “Ројтерс”.

Пристапувањето кон саудиската коалиција сепак може да доведе до верски конфликт внатре во Пакистан, бидејќи една петтина од населението се шиити, а спротивставувањето на “Хути” може да се сфати како спротивставување на шиизмот.

Интервенција на Исламабад во конфликтот во Јемен најверојатно ќе го навлече врз Шариф и гневот на Иран, кој неофицијално ги поддржува шиитските бунтовници во Јемен. Оваа недела се очекува посета на иранскиот министер за надворешни работи во Пакистан.

Иако Пакистан често учествува во мировните мисии на ОН, јавното мислење во земјата е против интервенција во Јемен. Според аналитичарите, сепак конечната одлука зависи од војската, која засега не дава знак што мисли за ова прашање.

Исламабад располага со речиси 1,5 милиони војници и резервисти, но речиси една третина од нив учествуваат во операции долж границата со Авганистан, а голем дел од нив се наоѓаат на границата со Индија.