С. Македонија не се квалификува за помош преку Фондот за солидарност на ЕУ

од Nikola Popovski
231 прегледи

„Поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат“, соопштија денеска од Секретаријатот за европски прашања при Владата.

Во таа насока, Секретаријатот за европски прашања подготвил Информација за можноста за користење на Фондот за солидарност на Европската Унија за справување со финансиското влијание на Ковид-19 во здравствениот сектор.

„Информацијата со детални информации за можностите и за начинот на аплицирање за користење на помошта, беше разгледана и усвоена на 51-та седница на Владата на Република Северна Македонија (одржана на 12.5.2020 год.), по што се иницираше прибирање на податоци за итните трошоци поврзани со Ковид-19, настанати на централно и локално ниво.

По обработката на собраните податоци, доставени од институциите и општините и нивното дополнување со податоци за склучени договори за Ковид-19 достапни на страната на Бирото за јавни набавки, беше констатирано дека Република Северна Македонија не го исполнува основниот предуслов за користење на ФСЕУ“, стои во известувањето на Секретаријатот.

За финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификуваа расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од 4 (четири) месеци, сметано од датумот кога земјата која што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или пак прогласила вонредна состојба. Референтен период во оваа смисла за земјата беше периодот 10.03. – 09.07.2020 год.

Информацијата ја објави и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на Твитер и напиша „Солидарноста на ЕУ на дело“, набројувајќи ги земјите кои ќе бидат опфатени со овој пакет, меѓу кои и Србија, Црна Гора и Албанија.

Финансиската помош предложена од Европската комисија треба да биде одобрена и од Европскиот парламент и од Советот, а потоа распределена на 20-те земји.

Инаку, од земјите кандидати Србија треба да добие речиси 12 милиони евра, Црна Гора скоро 200 илјади евра, а Албанија 900 илјади евра.

 

Слични содржини