С. Македонија неделава го очекува одговорот за поддршка од Европскиот инвестициски план на поднесените проекти  

од Vladimir Zorba
205 прегледи

РС Македонија во текот на оваа недела очекува одговор за подесените апликации за четри проекти за поддршка преку програмата на Европската комисија за поддршка на Западен Балкан.

Ова го соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими по завршување на средбите во Брисел, потенцирајќи дека земјата има аплицирано со четри проекти од областа на транспортот, животната средина и енергетиката и дека се очекуваат резултати дали истите би биле поддржани и во колкав износ.

Со Планот за забрзан економски раст  планирани се во наредните пет години 4 милијарди евра инвестиции од јавниот сектор и дополнителни 8 милијарди евра од приватниот сектор. Овие планирани инвестиции и нивното поврзување со Европскиот инвестициски план и можноста за нивна поддршка беа тема на средбите во Брисел.

Европската инвестициска програма предвидува инвестиции од 9 милијарди евра во Западен Балкан во период од 2021 до 2027 година, и дополнително 20 милијарди евра средства што можат да се повлечат преку Гарантен фонд од приватниот сектор.