Од 1 јануари 2023 година, Република Северна Македонија официјално го започнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе претседава со оваа важна мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија. Објаснувајќи ја улогата на ОБСЕ како организација која е фокусирана на интересите на луѓето, на обичниот човек, и успешноста на нивните теренски активности, Османи пред неколку дена изјави: „Теренската мисија на ОБСЕ во земјава има остварено одлични резултати и нивното присуство овде, набргу по осамостојувањето, во голема мера придонесе за нашата внатрешна стабилност и постепен развој на денешниот модел на функционална мултиетничка демократија. И тоа го сметам за наша предност и во рамките на претседавањето. Како, условно речено – ‘задоволен корисник’ ние имаме автентично искуство за значењето на теренските мисии и присуството на ОБСЕ во регионите кои се сметаат за загрозени“.
Во обид да дознаеме повеќе што носи за земјава претседавањето со ОБСЕ и кои се бенефициите, „Локално“ поразговара со поранешни амбасадори и дипломати. Според Нано Ружин, за нас како држава според територијата и бројот на граѓаните, претседавањето и присуството на Османи на министерскиот совет во ОБСЕ е големо признание.
Тој во разговор вели дека бенефитите се големи, како од аспект на афирмација на државата на меѓународен план бидејќи тоа е територијално најголемата организација која се протега од Владивосток до Ванкувер, иако Русија во моментов не е дел од тоа семејство.
-Ова е мошне значајна институција за една мала држава. Бенефит е и што Македонија ќе се обиде да придонесе во разрешување на одредени теми со помош на најзначајните меѓународни субјекти и секако дека она што е значајно за ОБСЕ е од една страна војната во Украина, но исто така и проблемот на заледените конфликти – вклучувајќи ги односите меѓу Белрад и Приштина. Иако не можеме да очекуваме чуда, самиот чин што наш дипломат или претставник на нашата Влада ќе учествува во овие активности на ОБСЕ е еден вид значајна лекција во смисла на поголемо присуство и поголема улога на државата, во пошироки димензии, како што е стабилизација на Западен Балкан, истакнува Ружин.
Според него, ова е исто така голема школа за нашите дипломати.
-Секаде каде што се присутни во разните држави, ќе играат позначајна улога. Постојат и други бенефиции како доаѓање на теоретски знаења и наметнување на одредени значајни решенија кои што можат секако да влијаат позитивно, ни рече поранешниот македонски амбасадор во НАТО.
Додава дека темата Украина ќе доминира на работата на ОБСЕ и ќе биде најбитна тема бидејќи е директна закана за меѓународната стабилност, безбедност и мир.
-Нема никакви илузии дека нашата држава ќе го донесе мирот меѓу две големи сили како што е Русија и Украина, но сепак самиот чин на контактите со најзначајни светски дипломати, ќе означат и подобрување на улогата на една малечка држава како нашата. Има и економски и еколошки димензии, човекови права и јакнење на соработката на меѓународен план, потенцира Ружин.
Од друга страна поранешниот македонски амбасадор во Турција, Горан Тасковски за „Локално“ вели дека актуелна тема која во моментот е неминлива и ќе се опфати со преседавањето со ОБСЕ од страна на Македонија е конфликтот помеѓу две светски концепции, конфликт кој се спроведува на тлото на Украина.
-Многу светски организации со моќно влијание и со одлична инфраструктура не можат, не сакаат или несмеат да се мешаат официјално во состојбите во Украина, истото важи и за ОБСЕ, истото важи и за Македонија, но секако како актуелна појава која е поврзана со безбедност во спомнатата организација ќе се дискутира, предлага и ќе се иницираат решенија, политики, критики и правци за делување од страна на оние држави и влади кои одлучиле да бидат дел од поддржувачите на Украина и го осудуваат делувањето на Русија, рече Тасковски.
Тој смета дека реален и конкретен придонес и големо влијание врз целата ситуација Македонија како преседавач нема да има, туку само ќе спроведува општи политики и декларации кои однапред се наметнати од други центри на сила кои раководат со актуелната политика поврзана со конфликтот во Украина.
-Да беше состојбата многу поразлична од моменталната во врска со Македонија, да беше македонската политика стабилна и цврста во намерите да биде лидер на Балканот во врска со безбедноста, тогаш улогата на преседавач со ОБСЕ ќе можеше да се искористи во зацврстување на безбедноста во регионот, со спроведување на конкретни дела за убедување на светот дека може Македонија, дека може Балканот да биде место на стабилност и сигурност, на тој начин позитивно да влијае за економскиот развој на целиот Балкан.
Н.П.