САД: Фајзер на чекор од дозвола за итна примена на вакцините

од Stefanija Kuzmanovska
293 прегледи

Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ денеска успешно помина уште една фаза во трката за добивање дозвола во САД за итна употреба на вакцината против ковид-19, бидејќи Американската администрација за храна и лекови (ФДА) издаде официјален документ во кој нема забелешки за безбедноста и ефикасноста на препаратот на оваа компанија.

Податоците за вакцината доставени до ФДА биле во согласност со препораките на државата за издавање одобренија за итна употреба на препаратот, се вели во соопштението издадено од претставниците на Агенцијата пред претстојниот состанок со независни американски експерти, објави „Ројтерс“.

Дискусија на експертско ниво е закажана за четврток, а прашањето ќе биде дали инјекцијата, што е изработена во соработка со „Фајзер“ од германската компанија „Бионтек“, може да добие одобрување за итна примена.

ФДА соопшти дека сè уште не е сигурно утврдено дали употребата на оваа вакцина е безбедна за лица под 16-годишна возраст, бремени жени и лица со ослабен имунолошки систем.

Конечната одлука на ФДА се очекува за неколку дена или недели.

Слични содржини