САД, според Белата Куќа, ќе ги намали испораките на оружје за Украина, со образложение дека тоа се прави со цел „ставање на интересите на Америка на прво место. Како што соопшти Ана Кели, портпарол на Белата Куќа вчера, потегот уследува по одлуката на Секретаријатот за одбрана, односно министерството за одбрана, да се ревидира „воената помош и поддршка за други земји.
САД досега испратија десетици милијарди долари во воена помош на Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година. Но во последно време гарнитурата блиска до Трамп реагира дека воените залихи на САД се премногу ниски, известуваат светските медиуми.
Досега не е познато кои испораки ќе бидат опфатени со новата мерка, но според некои агенции, веројатно ќе бидат опфатени противвоздушни ракети и „прецизна муниција“.
Според министерството за одбрана, односно потсекретарот за политики Елбриџ Колби, „Секретаријатот ригорозно ги преиспитува и адаптира своите пристапи за постигање на целите, истовремено запазувајќи ја готовноста на вооружените сили на САД за одбранбените приоритети на администрацијата на претседателот“.
„Силата на вооружените сили на САД останува недискутабилна – само прашајте го Иран“, порача портпаролката Кели, посочувајќи на нападите од војската на САД на нуклеарните капацитети на Иран.
Ваквиот потег уследува кратко по средбата на претседателот на САД, Доналд Трамп со неговиот украински колега Володимир Зеленски на самитот на НАТО во Холандија, кога Трамп најави преиспитување на испораките на дополнителни противракетни систем „Патриот“ за Украина.
Во текот на вчерашното деноноќје, Украина изведе силен напад на руските позиции во окупираните територии и на територијата на Русија, при што во нападот на градот Ижевск, повеќе од 1.000 километри од границата на Украина, животите ги загубија три лица.
Русија моментално контролира околу 20 отсто од територијата на Украина, вклучително и полуостровот Крим, што го анектираше во 2014 година.