САД: Израел го поддржува нашиот план за прекин на огнот во Газа

од Milan1
16 прегледи

Израел го прифати предлогот на САД за привремен прекин на огнот во конфликтот во Газа, соопшти Белата куќа.

Портпаролката на американскиот претседател Доналд Трамп, Каролин Ливит, синоќа изјави дека разговорите со сите страни се во тек и оти САД се надеваат на прекин на огнот и враќање на сите заложници од Газа.

Таа нагласи дека доколку се постигне договор, Белата куќа ќе го објави, но не даде никакви детали за актуелниот предлог за прекин на огнот.

Палестинската екстремистичка група Хамас вчера потврди дека преку меѓународни посредници добила нов предлог за прекин на огнот, изготвен од специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф.

Во соопштение за медиумите, Хамас наведе дека одговорно го проучува предлогот и оти „секој одговор ќе биде заснован на интересите на палестинскиот народ, со фокус на ублажување на хуманитарното страдање во Појасот Газа и постигнување траен прекин на огнот“.

Новиот предлог на Виткоф предвидува 60-дневен прекин на огнот во Појасот Газа, кој вклучува ослободување на 10 заложници во две групи во рок од една недела, јавија израелските медиуми.

Хамас би морал да ги предаде телата на 18 киднапирани лица кои сè уште се држат во Газа, додека телата на 180 Палестинци исто така би биле вратени.

Израел, исто така, би ослободил 125 Палестинци осудени на доживотен затвор и 1.111 жители на Газа кои биле притворени во израелските затвори од терористичките напади предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година.

Двомесечното примирје е наменето да ги олесни преговорите за ставање крај на речиси 20-месечниот конфликт, пренесе ДПА.

Слични содржини