САД: Највисокиот суд на ОН не треба да бара итно повлекување на Израел од окупираните палестински територии

од Stefanija Kuzmanovska

САД денеска соопштија дека највисокиот суд на Обединетите нации не треба да дава советодавно мислење за „итно и безусловно повлекување“ на Израел од териториите на кои Палестинците сакаат да основаат своја држава.

Правниот советник на Стејт департментот, Ричард Висек навел дека 15-члената комисија на Меѓународниот суд на правдата (МСП) не треба да се обидува да го реши деценискиот израелско-палестински конфликт со давање советодавно мислење за постапките на само едната страна.

Висек зборувал на сослушувањето во МСП, кое започна во понеделникот, на барање на Генералното собрание на ОН за необврзувачко советодавно мислење за законитоста на политиката на Израел на окупираните територии.

Тој оценил дека мислењето на судот ќе има последици за страните во конфликтот и напорите на сите што работат на постигнување одржлив мир.

Правниот советник на Стејт департментот денеска потсети дека постои воспоставена рамка заснована на принципот земја за мир и утврдени принципи на окупацискиот закон.

Идејата земја за мир е камен-темелник на американската дипломатија со децении и основа на мировниот договор меѓу Израел и Египет, склучен во 1979 година, врз основа на кој Израел се повлече од Синајскиот Полуостров во замена за мир и признавање.

Истиот принцип беше применет и за израелско-палестинскиот конфликт, но мировниот процес постојано беше во застој поради палестинските напади, проширувањето на еврејските населби на окупираната територија и неможноста на двете страни да се договорат за експлозивни прашања, како што се конечните граници, статусот на Ерусалим и судбината на палестинските бегалци.

Слични содржини