САД обвинија кинеска компанија за заговор со вработени во Motorola

од Vladimir Zorba
225 прегледи

Американското Министерство за правда покрена кривична истрага против кинеската телекомуникациска компанија Hytera. Властите ја обвинија компанијата за заговор со вработени во Motorola за кражба на дигитална мобилна технологија.

Според обвинението, Hytera Communications Corp. ангажирала вработени во Motorola во Малезија за да украдат податоци од компанијата за радио предаватели што се користат во воки-токи, објави Ројтерс. Иако во обвинението стои името на кинеската компанија, имињата на останатите обвинети се уште не се објавени.

Објавените материјали покажуваат дека Hytera врбувала вработени во Motorola во периодот од 2007 до 2020 година, а тие добивале многу повисоки плати од нивната главна работа во американската компанија, во замена за кражба на деловни тајни.

Севкупно, Hytera е обвинета за 21 кривично дело, вклучително и заговор за кражба на трговски тајни. Доколку компанијата биде прогласена за виновна како дел од кривичната постапка, ќе се соочи со парична казна три пати поголема од вредноста на украдените тајни.

Самата компанија ги негира сите обвинувања, велејќи дека ги почитува правата на интелектуална сопственост на другите луѓе. Motorola, од своја страна, ветува дека ќе продолжи да презема правни дејствија против Hytera во различни делови на светот за да спречи прекршување на интелектуалната сопственост и да добие дополнителна отштета во износ од стотици милиони долари.

Во 2020 година, Motorola Solutions доби 764,6 милиони долари отштета од Hytera за кражба на деловни тајни и кршење на други права на интелектуална сопственост. Откриено е дека Hytera ги користела доверливите документи и изворниот код на Motorola за да добие предност на телекомуникацискиот пазар.

Hytera, од своја страна, тврди дека развила свои воки-токи и радија. Познато е дека подоцна износот на обештетувањето е намален за 221 милиони долари.

Судскиот процес против Hytera е уште еден чекор во трговската војна меѓу САД и Кина. Во ноември, претседателот Џо Бајден потпиша закон со кој ќе се спречи Hytera и други компании како Huawei, кои локалните регулатори ги сметаат за закана за националната безбедност на земјата, да добијат нови лиценци во телекомуникацискиот сектор.

За време на претседателствувањето на Доналд Трамп, на организациите финансирани од САД им беше забрането да користат телекомуникациска опрема произведена од Hytera.

Слични содржини