Американскиот министер за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас изјави дека Соединетите Американски Држави размислуваат да додадат четири земји во програмата за укинување на визите, дозволувајќи им да останат во САД до 90 дена без виза.
– Имаме четири кандидати: Израел, Кипар, Бугарија и Романија. Ние сме многу, многу фокусирани на програмата, рече Мајоркас на настан поврзан со туристички патувања, истакнувајќи дека програмата за укинување на визите обезбедува значителни економски и безбедносни придобивки.
Роберт Дау, шеф на Американската асоцијација за патувања, рече дека неодамнешното додавање на Хрватска во програмата за укинување на визите е стимул од сто милиони долари за американската економија. Хрватските граѓани од сабота можат да патуваат во САД без виза.
Секогаш кога ќе додадете една од тие земји, патувањето експлодира, рече Дау.
Белата куќа во август, по состанокот меѓу претседателот Џо Бајден и израелскиот премиер Нафтали Бенет, соопшти дека Бајден истакнал дека „неговата администрација ќе ја зајакне билатералната соработка со Израел на начин што ќе има корист и за граѓаните на САД и за Израел, вклучително и соработката за вклучување на Израел во програмата за укинување на визите”.
Мајоркас се сретна со израелскиот амбасадор во САД во август за да разговараат за ова прашање.
За да може една земја да влезе во програмата за ослободување од визи мора да ги исполнува критериумите од сферата за борба против тероризмот, спроведување на законот, имиграцијата, безбедноста на документите и управувањето со границите, а процентот на одбиени визи мора да биде под три отсто.
Во моментов, 40 земји се во програмата за ослободување од визи.