САД размислуваат за санкции против компаниите за чипови, со кои Huawei потенцијално соработува

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Администрацијата на Бајден размислува да стави на црна листа голем број кинески компании за чипови поврзани со Huawei Technologies, откако телекомуникацискиот гигант минатата година постигна голем технолошки напредок, изјавија за „Блумберг“ извори запознаени со ова прашање.

Ваквиот потег ќе означи уште една ескалација во американската кампања за ограничување на амбициите на Пекинг во вештачката интелигенција (ВИ) и полупроводниците. Тоа ќе го зголеми притисокот врз кинескиот технолошки гигант, кој постигна напредок и покрај постоечките санкции, вклучително и поради создавање процесор за паметни телефони за кој многумина во Вашингтон веруваа дека ги надминал неговите можности.

Повеќето кинески фирми кои би можеле да бидат погодени, претходно биле идентификувани како единици за производство на чипови купени или создадени од Huawei, во презентација на трговската групација со седиште во Вашингтон Semiconductor Industry Association (SIA), велат извори запознаени со ова прашање. Според нив, се уште нема конечни одлуки.

Компаниите кои би можеле да бидат на црната листа ги вклучуваат производителите на чипови Qingdao Si’En, SwaySure и Shenzhen Pensun Technology Co., или PST, додадоа изворите, кои зборуваа под услов да останат анонимни бидејќи не се овластени јавно да разговараат за информациите. Претставници на администрацијата на Бајден исто така размислуваат за санкции против водечкиот производител на мемориски чипови ChangXin Memory Technologies.

„Додавањето на повеќе кинески компании на црната трговска листа на САД е многу веројатно“, напиша аналитичарот на Jefferies, Едисон Ли, откако ChangXin беше идентификуван како потенцијална цел. „Тоа е лесно да се имплементира и оправда и дополнително ќе блокира некои клучни кинески компании да можат да ги искористат предностите на актуелните дупки во извозните ограничувања“, додаде тој.

Покрај компаниите кои всушност ги произведуваат чиповите, американските власти би можеле да ја санкционираат и Shenzhen Pengjin High-Tech Co. како и SiCarrier, велат изворите. Загриженоста е што овие две компании, кои произведуваат опрема за производство на полупроводници, дејствуваат како прокси за да му помогнат на Huawei да добие ограничена опрема, додаваат тие.

Американската влада врши притисок врз своите сојузници, вклучувајќи ги Холандија, Германија, Јужна Кореја и Јапонија, дополнително да ги заострат ограничувањата за пристапот на Кина до технологијата на полупроводници. Huawei е една од компаниите во срцето на оваа кампања, како и на напорите на Пекинг да ја намали својата зависност од западната технологија.

Не е јасно дали Министерството за трговија, кое е надлежно за т.н трговската црна листа, има дополнителни докази кои ги поврзуваат компаниите со Huawei, додаваат изворите. Соединетите Американски Држави имаат моќ да ги санкционираат компаниите кои се изложени на ризик да и наштетат на нивната национална безбедност во иднина, а властите не мора да ги докажуваат минатите штетни или незаконски активности.

Советот за национална безбедност на Белата куќа и Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија одбија да коментираат за ова прашање. Претставниците на поединечните кинески компании и Министерството за трговија не одговорија на прашањата. Министерството за надворешни работи повтори дека „силно се спротивставува“ на акциите на САД кои го нарушуваат пазарниот ред и им штетат на кинеските компании, но не ги коментираше конкретно потенцијалните потези на САД за кои се разговара.

Изворите рекоа дека не е јасно кога американските власти ќе донесат конечна одлука, а тајмингот најверојатно ќе зависи од состојбата на односите меѓу Вашингтон и Пекинг, на кои двете земји работеа на подобрување во последните месеци.

Слични содржини