САД: Севернокорејските војници деновиве ќе влезат во борба со Украинците во Курск

од Илинка Илиоска
24 прегледи

Соединетите држави го очекуваат пристигнувањето на севернокорејските трупи во рускиот регион Курск, кои следите денови се очекува да започнат да војуваат против украинските сили кои сѐ уште се во оваа руска погранична област, изјави во четвртокот американскиот државен секретар Ентони Блинкен, повикувајќи ја Кина да го искористи своето влијание и да го ограничи Пјонгјанг.

Блинкен без да даде каков и да е доказ или да го посочи изворот на информацијата тврдеше дека Русија ги обучува севернокорејските војници во дејствување со артилерија, беспилотни летала и основни пешадиски операции, со што наводно „јасно ставила до знаење“ дека „целосно имаат намера“ да ги користат овие сила во операциите на фронтот.

Највисокиот американски дипломат рече дека има 10.000 севернокорејски војници во Русија, вклучувајќи 8.000 во регионот Курск, каде што украинските сили по огромните загуби во жива сила и борбени средства сè уште држат извесна територија по упадот на руска територија во август.

И претходно воените аналитичари ги коментираа вестите за наводно присуство на севернокорејски војници во Русија, претпоставуваа дека Москва веројатното ќе ги ангажира на обезбедување на пограничните области, со цел руските сили од внатрешните гарнизони кои се здобија со борбено искуство во Курск да ги испрати на фронтот во Источна Укриана.

„Севернокорејските војници ќе станат легитимни воени цели доколку влезат на бојното поле“, нагласи Блинкен на прес-конференција во Вашингтон со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и јужнокорејските колеги.

Блинкен, сепак, не посочи чија цел би биле севернокорејските војници кои би дејствувале на руската територија. Москва ниту го демантираше, ниту директно го потврди присуството на севернокорејски војници. Пјонгјанг првично исто така ги негираше тврдењата, но подоцна ја бранеше замислата за испраќање своја војска на територијата на Русија, посочувајќи дека тоа е во согласност со меѓународното право врз основа на билатералните договори меѓу двете земји и во согласнот со членот 51 од Повелбата на ОН.

„Сѐ уште не сме сведоци на распоредувањето на овие војници во борба против украинската армија, но очекуваме тоа да се случи во наредните денови“, истакна Блинкен.

Јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Јонг-хјун, чија земја испорачува артилериска муниција и борбени оклопни возила на земјите членки на НАТО во Европа кои своите средства ѝ ги испорачаа на Украина, исто така тврдеше дека Северна Кореја ѝ испорачала на Русија повеќе од 1.000 проектили.

Слични содржини