Најмалку 74 лица загинаа, а 171 се ранети во американски воздушен напад врз јеменското пристаниште Рас Иса, соопшти денеска бунтовничката група Хути. Според телевизијата „Ал Масира“, нападот се случил во четвртокот на западното пристаниште за гориво. Централната команда на американската војска соопшти дека целта на нападот била да се прекине снабдувањето со гориво на Хутите, пренесе „Ројтерс“.
„Овој напад немаше намера да му наштети на народот на Јемен, кој со право сака да го отфрли јаремот на потчинување на Хутите и да живее во мир“, се наведува во соопштението, пренесе „Асошиетед прес“.
САД најавија дека ќе продолжат со нападите врз цели во Јемен сè додека Хутите не ги прекинат нападите врз трговските бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив.
Бунтовничката група изврши десетици напади со беспилотни летала и ракети врз бродови во овие води од ноември 2023 година, тврдејќи дека ги напаѓаат пловни објекти поврзани со Израел како знак на протест против војната во Појасот Газа.
Хутите ги прекинаа нападите за време на двомесечниот прекин на огнот во Газа, кој започна на 19 јануари. Но, од 18 март, откако Израел ги обнови нападите врз Појасот Газа, тие повторно започнаа со дејствија.