САД велат дека ИСИС би можела да го нападне аеродромот во Кабул: „Заканата е реална“

од Vladimir Zorba
234 прегледи

Советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден предупреди во неделата дека Исламската држава може да изврши напад при евакуација на илјадници Американци и авганистански сојузници од меѓународниот аеродром во Кабул.

„Заканата е реална. Акутна е“, рече Џејк Саливан, советник за национална безбедност.

Ниту Саливен, ниту други високи американски воени или разузнавачки претставници не дадоа детали за заканите на Исламската држава. Но, сегашните и поранешните функционери велат дека заканите се движат од ракетен напад врз транспортен авион при слетување или полетување до камион натоварен со експлозив или бомбаши самоубијци што се инфилтрирале во толпата пред аеродромот.

Бајден во петокот рече дека американската војска и антитерористичките служби внимателно ги следеле заканите на ИСИС, истакнувајќи дека илјадници затвореници се ослободени во Кабул и други локации. Иако е малку веројатно дека Талибанците свесно би ги ослободиле борците на Исламска држава, голем број затвореници, меѓу кои и талибански непријатели, се ослободени поради хаосот во Авганистан.

„ИСИС чекаше ваква можност, каде што нејзините борци ќе можат да го искористат хаосот на теренот за да добијат шанса да нападнат американски војници“, рече аналитичарот Колин П. Кларк, цитиран од „Њујорк тајмс“.

Во текот на минатата недела, американските власти предупредија на закани за аеродромот при евакуација на цивили од Кабул.

Нападот врз аеродромот, според сегашните и поранешните официјални лица, ќе биде стратешки удар и против САД и Талибанците. Тие во саботата рекоа дека американската војска воспоставува алтернативни патишта до аеродромот во Кабул за Американците, авганистанските сојузници и граѓаните од другите западни земји, поради заканата од ИСИС.

Слични содржини