Саинц ги прокоментира шансите на Хамилтон за титулата со Ферари во 2025 година

од Vladimir Zorba
38 прегледи

Поранешниот возач на Ферари, Карлос Саинц, ги коментираше шансите неговата замена Луис Хамилтон да ја освои светската титула во Формула 1 со „Црните коњи“ во 2025 година.

Британецот го шокираше светот на почетокот на февруари минатата година кога ја објави својата одлука да се раздели со тимот на Мерцедес, со кој освои шест од седумте титули, за да го исполни сонот да вози за Скудерија. А индиректна жртва на одлуката на Хамилтон беше Саинц, кој го загуби местото во Маранело и од оваа година ќе се трка за Вилијамс.

А според Шпанецот, доаѓањето на Хамилтон во Маранело може само да ги зголеми шансите на Ферари да се бори за светската титула кај возачите, но се ќе зависи од тоа колку Британецот ќе се прилагоди на условите во Италија. Саинц додаде и дека е невозможно да даде точни коментари за способностите на неговиот заменик, бидејќи никогаш не ги видел податоците за возење на седумкратниот светски шампион.

„Никогаш не сум бил тимски колега со Луис, па не знам точно за што е способен. Никогаш не сум ги видел неговите податоци. Сум ги гледал тие на Шарл (Леклер) и знам колку е добар, но никогаш не сум бил колега со Луис. И единствениот начин на кој можете да направите добра проценка на способностите на пилотот е кога сте тимски колеги и гледате за што е тој способен.

Кога судам според резултатите, неговата биографија и неговите резултати, можам да кажам дека има големи шанси да биде конкурентен со Ферари. Но, како и секогаш, се ќе зависи од тоа колку добро ќе се прилагоди на болидот и тимот. Има толку многу непознати што ми е невозможно да ги предвидам.

Но, можам да кажам дека кога го напуштив Ферари, почувствував дека тимот и Шарл се подготвени да се борат за титулата. Со доаѓањето на Луис, овие шанси може само да се зголемат“, прокоментира Саинц.

Слични содржини