Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, ќе присуствува и Ковачевски

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Брисел учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој главни теми ќе бидат зајакнувањето на политичкиот ангажман на Унијата со земјите од регионот, доближувањето на државите до ЕУ со нивна интеграција, поставување основи за економски раст, ублажувањето на последиците од руската агресија врз Украина и зацврстувањето на безбедноста и отпорноста.

На Самитот покрај лидерите на земјите членки на ЕУ и на државите од Западниот Балкан, ќе присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Се очекува на крајот на Самитот да биде усвоена заедничка декларација, во која, според најавите, ќе биде потенцирана нова енергија во односите на ЕУ со Западниот Балкан и новиот приод во пристапниот процес.

Според она што претходно го објави бриселскиот портал Политико, повикувајќи се на нацрт-декларацијата, ЕУ планира да ги принуди земјите од Западен Балкан да се усогласат со нејзината заедничка надворешна и безбедносна политика и да воведат санкции за Русија.

„Ги пофалуваме партнерите од Западен Балкан, кои веќе покажуваат стратешка посветеност со целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и ги охрабруваме оние кои не го сториле тоа да го следат нивниот пример“, се наведува во нацрт-документот.

Во предложената декларација се нагласува „важноста од подобрено спроведување на рестриктивните мерки и спречување на нивно заобиколување“.

Слични содржини