Самитот за Украина: Украинските нуклеарни централи, вклучувајќи ја и Запорожје, треба да работат под целосна суверена контрола на Украина

од Илинка Илиоска
304 прегледи

На мировната конференција за Украина во Швајцарија, претставници на 80 земји и пет организации потпишаа декларација, истакнувајќи дека „територијалниот интегритет“ на Украина е клучен за секој мировен договор. Во заедничката изјава, учесниците нагласуваат дека мирот може да биде постигнат само со учество на сите страни.

Документот предупредува дека употребата на нуклеарна енергија и нуклеарни инсталации мора да биде безбедна и еколошки прифатлива. Особено се посочува дека украинските нуклеарни централи, вклучувајќи ја и нуклеарната централа во Запорожје, треба да работат под целосна суверена контрола на Украина, во согласност со принципите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и под нејзин надзор. Секој обид за употреба или закана со нуклеарно оружје е неприфатлив.

Конференцијата привлече претставници од 92 држави и осум организации, вклучувајќи ја Европската Унија, Советот на Европа и Обединетите нации. Завршната декларација не беше потпишана од земјите-членки на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), како и од Ерменија, Бахреин, Ватикан, Индонезија, Либија, Мексико, Саудиска Арабија, Словачка, Швајцарија, Тајланд и Обединетите Арапски Емирати.

На конференцијата не присуствуваа претседателите на САД, Кина и Бразил. Потпретседателката на САД, Камала Харис, и германскиот канцелар, Олаф Шолц, ја напуштија конференцијата порано. Русија не беше поканета, а Кремљ истакна дека решавањето на украинскиот конфликт без учество на Москва е нелогично и залудно.

И покрај тоа што аналитичарите очекуваат дека дводневната конференција ќе има малку конкретно влијание врз завршувањето на војната, канадскиот премиер Џастин Трудо најави дека ќе организира меѓународен собир на министрите за надворешни работи посветен на жртвите од војната во Украина.

Слични содржини