
Сто десет од вкупно 120 пратеници во Собранието на Република Македонија користат Facebook – покажа најново истражување спроведено во период 22-29 март, годинава.
Споредено со 2009 година кога за прв пат е правено слично истражување, процентот на пратеници кои го користат социјалниот медиум Фејсбук се зголемил од 29 отсто (во 2009 година) на 92 отсто денес, односно пораснал од 35 на 110 пратеници.
Повеќе од 60 пратеници секојдневно или неколку пати неделно објавуваат содржини на својот Фејсбук профил или страна, а останатите тоа го прават повремено или, пак, само за време на предизборни кампањи, покажува истражувањето.
„Само 12 пратеници имаат верификувани страни – потврда од Фејсбук дека таа страна е на автентична личност. Забележливо е дека актуелните/поранешните кандидати или носители на високи јавни функции почесто користат официјални Фејсбук страни или комбинирано користење на Фејсбук профил и страна. Собранието на Република Македонија на својата веб страна, во делот наменет за секој пратеник да додаде контакт од нивниот Фејсбук профил/страна, но и други социјални медиуми кои пратеникот/чката ги користи. На овој начин граѓаните ќе можат директно да се обратат до секој пратеник, дадат иницијатива, предложат одреден правен акт, постават прашање на кое ќе добијат одговор и слично“, се вели во истражувањето.
На пратенциите им се препорачува јасно да ги означат своите официјални профили, страни и канали на социјалните медиуми, со цел граѓаните полесно да може да ги пронајдат и стапат во директен контакт со нив. /24вести