Само пет земји против санкции кон Русија: Како се гласаше во ОН?

од Nikola Popovski
336 прегледи

Со големо мнозинство гласови, Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која се осудува „руската инвазија на Украина“.

Резолуцијата ја повикува Москва веднаш да ги повлече сите сили од Украина.

Резолуцијата, која доби поддршка од 141 од 193 членки на ОН, вклучително и Македонија, дојде на крајот од итната седница на Генералното собрание што започна во понеделникот на иницијатива на Советот за безбедност.

Пет земји беа против, и тоа Руската федерација, Белорусија, Северна Кореја, Сирија и Еритреја, додека 35 беа воздржани.

На вонредната седница на Генералното собрание на ОН, на која беше усвоена резолуција со која се осудува руската агресија врз Украина, амбасадорот на Украина во Обединетите нации Сергеј Кислица изјави дека целта на Москва не е само окупација на неговата земја, туку и геноцид. .

Рускиот амбасадор Василиј Небенза тврди дека многу земји биле изложени на притисок и закани од Западот, за да ја поддржат нацрт-резолуцијата.

„Овој документ нема да придонесе за мирот, но може да ги охрабри националистите од Киев да продолжат да ги држат своите граѓани како заложници, користејќи ги како жив штит“, рече Небенза.

Белорускиот амбасадор Валентин Рибаков рече дека предлагачите на резолуцијата молчеле осум години поради одбивањето на властите во Украина да ги почитуваат одредбите од Договорот од Минск, со што ги негираат интересите на сонародниците од Доњецк и Луганск, каде што загинале луѓе, главно цивили.

„Секоја искра на нацизам мора веднаш да се изгасне, во секоја земја“, рече Рибаков, кој ги обвини западните земји за злосторства извршени во Југославија, Ирак, Либија и Авганистан.

По усвојувањето на резолуцијата, кинескиот амбасадор Џанг Џун изјави дека текстот на тој документ не ја земал предвид историјата и сложеноста на ситуацијата, поради што неговата земја се воздржувала од гласање.

Џанг оцени дека приоритет е да се ублажи ситуацијата на терен во Украина и да се спречи ескалација на конфликтот.

„Двете страни покажаа подготвеност да ги продолжат преговорите“, рече Џанг.

Амбасадорката на САД Линда Томас Гринфилд изјави дека вонредната седница на Генералното собрание на ОН е свикана за прв пат по 40 години.

„Целта на ОН е да се спречи војната, да се осуди и да се стави крај. Тоа е наша работа“, рече Линда Томас Гринфилд, истакнувајќи дека Русија бомбардира станбени згради, болници, градинки и инфраструктура во Украина, кои се неопходни за снабдување на населението со вода и гас.

„Според податоците на ОН, милион луѓе во Украина се принудени да ги напуштат своите домови“, изјави Линда Томас Гринфилд. Таа додаде дека рускиот претседател Владимир Путин се заканува дека ќе ги нападне и Финска и Шведска.

 

Слични содржини