Продажбата на смартфонот Galaxy S6 на Samsung Electronic достигна 6 милиони единици на крајот на април, помалку од еден месец по пуштањето на уредот на пазарот, наведува компанијата за студии Counterpoint, цитирана од светските агенции.
Резултатот покажува позитивен старт за производот. Според Counterpoint вкупната продажба на S6 и S6 Edge од 10-ти април до 30-ти април е повисока од онаа на Galaxy S5 во истиот период минатата година.
Тие се најпопуларните модели паметни телефони во светот по iPhone 6 и iPhone 6 Plus, наведува уште компанијата.
Податоците кои ја следат продажбата до крајните корисници, укажуваат дека новиот предводник ќе му помогне на најголемиот производител на паметни телефони во светот да добие нов поттик напред по разочарувањето од 2014 година. Новите телефони на Samsung добија добри критики од критичарите, што ги потхранува надежите дека таа ќе се врати со најдобрите резултати.
Иако раководството на Samsung тврди дека новите модели Galaxy S6 и S6 Edge ќе доведат до нов рекорд во продажбата на компанијата, од компанијата не го откриваат обемот на нивната продажба до сега.
Инвеститорите се загрижени дека продажбата може да не ги оправдат очекувањата, што доведе до пад на цената на акциите на Samsung со 7,3% во мај.
Иако моделот со рамен екран S6 продаде со повеќе единици во април, Counterpoint наведува дека продажбите на S6 Edge, кој е со закривен екран, би биле повеќе, ако не беше ограничената понуда. Samsung најави дека има проблем со снабдувањето на овој модел кој ќе биде решен во рамките на сегашниот квартал.
“Samsung Galaxy S6 има шанса да стане најпродаваниот паметен телефон и да ја стигне серијата iPhone 6 на Apple, ако бидат решени производните проблеми”, вели директорот на Counterpoint Питер Ричардсон.