Шпанија има капацитет да стане гасен центар за Европа и со тоа да помогне во регионалните напори за борба против зависноста од рускиот гас, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез на заедничката прес-конференција со полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
„Шпанија е подготвена да ги засили своите мерки за солидарност“, рече Санчез, истакнувајќи дека 20 отсто од течниот природен гас што Шпанија го увезуваше беше реекспортиран во јуни во другите земји на ЕУ.
Моравјецки на конференцијата се осврна на неодамнешниот напад на Одеса, оценувајќи дека на Русија не може да и се верува дека ќе го почитува договорот од Истанбул со кој се дозволува извоз на украинско жито од тој град.
Русија, Украина, Обединетите нации и Турција минатата недела потпишаа договор за обезбедување безбеден премин за бродови кои влегуваат и излегуваат од три украински пристаништа на Црното Море кои Русија ги блокираше од почетокот на нападот врз Украина на 24 февруари.