Сандерс: Мамдани победи, естаблишментот паничи, милијардерите собираат пари

Сенаторот Берни Сандерс предупреди дека пратениците од политичкиот естаблишмент се во паника поради победата на демократскиот кандидат и пратеник Зохран Мамдани на прелиминарните избори за градоначалник на Њујорк, одржани во вторникот.

од Марта Пешевска
13 прегледи

Мамдани, демократски социјалист, извојува победа во првиот круг од изборите против поранешниот гувернер на државата Њујорк, Ендру Куомо, освојувајќи 43,5% од гласовите, наспроти 36,4% за Куомо.

Победата на Мамдани, базирана врз предизборни ветувања како бесплатен автобуски превоз, бесплатна грижа за деца и јавни продавници за храна, ги продлабочи внатрешните поделби во Демократската партија.

Сандерс се огласи на социјалната мрежа X (поранешен Твитер) истакнувајќи ја значајноста на резултатот:

„Мамдани победи. Естаблишментот е во паника. Милијардерите собираат пари против него; Трамп е бесен; исламофобите се активираат. Тие знаат што и ние знаеме: Кандидатите што храбро стојат на страната на работничката класа можат да победат не само во Њујорк, туку насекаде. Ајде да застанеме зад Зохран.“

Во своја колумна за британскиот Гардијан, објавена во петокот, Сандерс остро го критикуваше раководството на Демократската партија:

„Ќе ги научи ли сегашното раководство на Демократската партија лекциите од кампањата на Мамдани? Веројатно не. Премногу од нив би сакале да бидат капетани на Титаник што тоне, отколку да го променат курсот.“

Тој додаде дека иднината на Демократската партија нема да ја одредат сегашните лидери, туку самата работничка класа на САД.

Во интервју за Политико, објавено во средата, Сандерс беше прашан дали постарите демократи треба да бидат загрижени поради резултатите од изборите. Тој одговори:

„Мислам дека имаат лекција што треба да ја научат. Дали ќе го сторат тоа? Искрено, се сомневам. Ако ја погледнете динамиката на оваа кампања – што гледаме? Постарата популација гласаше за Куомо, милијардерите инвестираа милиони долари за неговата кампања, целиот стар политички естаблишмент беше зад него – и тој загуби.“

Сандерс заклучи:

„Значи, или ќе научите лекција – дека Мамдани ги возбуди младите луѓе, особено младите мажи, и создаде моќно граѓанско движење – или ќе продолжите да го игнорирате тоа и ќе тонете заедно со стариот систем.“

 

Слични содржини