SAP затвора до 10.000 работни места

од Vladimir Zorba
54 прегледи

Германскиот софтверски гигант SAP објави дека планира да укине до 10.000 работни места, нагласувајќи го преструктуирањето на неговите операции и зголемениот фокус на операциите со вештачка интелигенција.

Наместо планираните 8.000 работни места, компанијата во понеделникот вечерта објави дека ќе укине од 9.000 до 10.000 работни места бидејќи самите работници укажале дека се подготвени да заминат.

На крајот на вториот квартал, компанијата со седиште во Валдорф имаше 105.315 вработени, околу 3.000 помалку отколку на крајот на март.

SAP го зголеми својот фокус на вештачката интелигенција и објави план за реструктуирање во јануари.

Во вториот квартал приходите на германскиот гигант скокнаа за 10 отсто, на 8,29 милијарди евра. Во делот за бизнисот „во облак“ порасна за 25 отсто, на 4,15 милијарди евра.

„Нашиот раст облачниот бизнис беше силен и во вториот квартал, со многу нарачки овозможени од вештачката интелигенција“, рече извршниот директор Кристијан Клајн. „Продолжуваме да инвестираме во нашата трансформација за да бидеме лидер во корпорациската вештачка интелигенција“, додаде Клајн.

Приходите од продажба на софтверски лиценци се намалени во вториот квартал за 28 отсто, на 200 милиони евра.

Оперативната добивка мерена според меѓународните сметководствени стандарди (МСФИ) е намалена за 11 отсто, на 1,22 милијарди евра, поради трошоците за реструктуирање од 600 милиони евра.

Нето добивката потона за 69 отсто на 918 милиони евра, што ја одразува високата споредбена основа на почетокот на минатата година поради продажбата на американскиот огранок Qualtrics.

Компанијата потврди дека очекува приходи од облак во опсег од 17 до 17,3 милијарди евра оваа година, 24 до 27 отсто повисоки од минатата година, кога се исклучени промените во валутните стапки.

Во 2025 година програмата за намалување на бројот на работни места и заштеда на трошоци треба да го зголеми оперативниот профит за 200 милиони евра, проценуваат тие.

Слични содржини