Сателитските снимки го покажуваат целиот ужас од пожарите во Грција: „Доцна е“…

од Vladimir Zorba
376 прегледи

Шумските пожари продолжуваат да ја опустошуваат Грција. Нивото на ужасот јасно се покажува од сателитските снимки од пожарот на островот Евија, објавени од Европскиот вселенски центар Коперник.

Во изминатата недела, илјадници луѓе беа принудени да избегаат, а штетата штотуку почнува да се проценува. Најголемиот пожар е на островот Евија (познат и како Евбоја), каде досега се евакуирани десетици села и илјадници луѓе, додека пожарите ги зафатија шумите и домовите на северот од островот.

– Доцна е. Областа беше уништена – рече градоначалникот на општината Јанис Коѕиас на островот Евија, и побара поголема помош.

Премиерот Кирјакос Мицотакис треба да претседава со владиниот состанок во понеделник посветен на мерките за помош на луѓето кои останаа без имот во пожарите.

„Нашата цел е да ја завршиме листата на штети што е можно поскоро со цел веднаш да започне процесот на обесштетување на погодените сограѓани“, соопшти Министерството за инфраструктура и транспорт.

Пожарите избија минатата недела за време на најлошиот топлотен удар во последните три децении. Температурите во меѓувреме се намалија малку, но би можеле повторно да пораснат во текот на неделата, така што ризикот од повторно палење на огнот е се уште висок.