Сателитските снимки покажуваат дека 28 американски градови тонат, вклучувајќи ги Њујорк и Чикаго

од Љубиша Владимиров
20 прегледи

Ново научно истражување открива дека 28 од најнаселените градови во САД, меѓу кои Њујорк, Чикаго, Далас и Денвер, полека тoнат – со стапка од два до дури 10 милиметри годишно. Истражувањето е спроведено од Политехничкиот институт и Државниот универзитет на Вирџинија (Вирџинија Тек), каде што научниците користеле сателитски радар за да создадат мапи со висока резолуција што покажуваат каде и колку тоне земјиштето во урбаните подрачја.

Резултатите се загрижувачки: во сите 28 градови најмалку една петтина од површината тоне, а во 25 од нив дури две третини. Најлоша е ситуацијата во градовите во Тексас, особено во Хјустон, каде што 40% од градот тоне со повеќе од 5 милиметри годишно, а дури 12% тоне со 10 милиметри годишно.

Главната причина за ова слегнување е повлекувањето на подземните води за потребите на населението. Според истражувањето, дури 80% од урбаното тонење се должи на оваа човечка активност. Со зголемувањето на урбанизацијата и растот на градовите, се очекува проблемот дополнително да се влошува.

Последиците може да бидат сериозни. Градовите на крајбрежјето се веќе загрозени од порастот на нивото на морето, но и внатрешните градови се изложени на зголемен ризик од поплави и оштетување на инфраструктурата. Нерамномерното слегнување може да доведе до пукање на улици, штети на згради и компромитирање на безбедноста.

„Овој ризик е скриен – инфраструктурата може со години полека да се оштетува без да се забележи, сè додека штетата не стане сериозна или дури катастрофална“, вели професорот Манучер Ширзаеи од Вирџинија Тек.

Иако не постои начин целосно да се спречи тонењето, можно е да се ублажи со подобро следење на состојбата, поодговорно управување со подземните води и градење на инфраструктура што ќе биде поотпорна на овие процеси.

Истражувањето беше објавено на 8 мај во научното списание „Nature Cities“.

Слични содржини