Саудискиот принц Мохамед бин Салман и уште четворица други високи претставници на Саудиска Арабија се обвинети за кривично дело злосторство против човештвото, според кривичната пријава поднесена против нив од страна на Репортери без граници, пренесува „Гардијан“.
Како што е наведено, тужбата од 500 страници, поднесена во германското државно обвинителство при сојузниот суд во Карлсруе, се фокусира на „широко распространетиот и систематски“ прогон на новинарите во Саудиска Арабија, вклучувајќи го и неоправданиот притвор на 34 новинари и убиството на Џамал Кашоги, колумнист во „Вашингтон пост“.
„Овие новинари се жртви на убиства, тортура, сексуално насилство, принуда и присилно исчезнување“, рече на прес-конференција Кристоф Делор, генерален секретар на Репортери без граници.
Како што објасни тој, тужбата е поднесена пред суд во Германија затоа што германските судови имаат надлежност за меѓународни злосторства извршени во странство, дури и кога тие немаат никаква врска со Германија.