Во ситуација кога е се потешко да се најде соодветен и добро обучен мајстор за која било занаетчиска работа, никого веќе не го изненадува фактот дека многу често нивната услуга стана подобро платена отколку онаа на високо образувниот кадар. Во одредени прилики, проблемот не се решава ниту тогаш кога на пример, за поправање на WC казанчето дома сме подготвени да платиме и „солидна“ сума на пари бидејќи услугата ја вршат „приучени“ мајстори кои имаат само површни знаења од занаетот.
Според Здравко Савески- доктор на политички науки и предавач на Институтот за општествени науки, актуелната ситуација не треба да не изненадува бидејќи како и многу други работници, и занаетчиите во голем број решија да заминат во странство.
„Бидејќи државата не гледа проблем во извозот на работна сила (напротив, очигледно е среќна поради решавањето на проблемот со невработеноста), се јави недостиг на квалитетни занаетчии. Сето тоа создаде ситуација каде што се плаќа поскапо за помалку квалитетна услуга, но повторно, тоа се правилата на капитализмот“, вели Савески за „Локално“.
Позиционирајќи ги занаетчиите во контекст на најавените даночни реформи кои предвидуваат оданочување на хонорарите, тој е категоричен дека сузбивањето на сивата економија во овој сектор нема да оди лесно.
„Јас би ѝ препорачал на оваа власт да не ја повторува грешката на претходната власт и да се обидува да го реши проблемот со сивата економија почнувајќи од „ситните риби“, истовремено оставајќи ги „крупните риби“ (домашни и странски) да одлеваат огромни суми неоданочени пари во даночните раеви“, вели Савески.
Потсетува дека капиталистите концентрираа невидено богатство поради нивното даночно привилегирање 30 години, па оттука кризата што според него допрва ќе стане страшна, е сосема доволна причина за да се стави крај на ваквата пракса.
Како Македонија се најде во редот на земјите каде се’ повеќе се чувствува недостиг на работна сила за вршење занаетчиски работи( столари, електричари, водоинсталатори…)?
-Невработеноста во Македонија е на рекордно ниско ниво. Таа не била на толку ниско ниво уште од реставрацијата на капитализмот во 1989 година. Фактички, уште од раните 1980-ти сме немале толку ниска невработеност. Тоа главно се должи на иселувањето, односно на извозот на работна сила што го изврши Македонија, како типична земја од периферијата на капитализмот. Па поради ова, во многу сектори има недостиг на работници, вклучително и на работници што вршат занаетчиски услуги. Поради траумите што ги предизвика долгогодишниот проблем со невработеноста, создаден од неолибералниот модел на капитализам што се гради од 1990-тите, многумина кај нас веќе неколку години не можат да го уважат фактот дека проблемот не е невработеноста, туку пристојното вработување. Но, за жал, поради лошото управување со кризата предизвикана од инфлацијата, веројатно нема уште долго да имаме толку ниска невработеност.
Анализите на пазарот покажуваат дека услугите на овие лица високо се вреднуваат, па не се ретки примерите според кои еден час посета на електричар е многу поскап од часот на професорот кој предава општествени или природни науки. Колку е оваа реалност објективна, или сепак е минлива?
-Оваа појава е типична за капитализмот. Цената на работната сила, како и секоја друга цена, во капитализмот се утврдува според понудата и побарувачката. Бидејќи има недостиг на работници што вршат занаетчиски услуги, нивната работна рака стана многу поскапа од претходно. Ние како општество мора да научиме да го цениме секој труд, односно да не потценуваме нечиј труд. Професорскиот труд е вреден, но и занаетчискиот труд е вреден.
Дали тоа значи дека се подобрува положбата на работникот во однос на неговите права?
-Кај нас веќе подолго време имаме ситуација каде платата е единствената работа што реално ги интересира многу работници. Па сѐ додека платите се редовни и релативно прифатливи, многу работници немаат голем проблем околу прекувремената работа, зголемениот интензитет на работниот процес, па дури и околу некоректниот однос на капиталистот или шефот. Но, не е сѐ во парите. Правата на работниците не се сведуваат на платата и работниците треба да се изборат за почитување и на останатите свои права.
Колку промените на пазарот на труд ја засилија преговарачката позиција на работникот?
-Многу повеќе отколку што работниците се свесни. Поради траумите предизвикани од долгогодишниот проблем со невработеноста, многу работници не се доволно гласни во барањето на своите права. Се разбира, има одредена промена. Но, главната реакција на незадоволството со условите за работа е давањето отказ и преминување на друго работно место, или иселување во странство, наместо борба за повисоки права на постојното работно место. А најчесто на новото работно место се соочуваат со слични проблеми, иако можеби со нешто повисока плата. А бидејќи, на крајот на денот, работникот е човек, а парите не се сѐ во животот, горчината од газењето по човечкото достоинство не може да се надмине со повисоката плата. Па, незадоволството останува…
Искуствата на граѓаните покажуваат дека голем број од занаетчиите кои ги повикувааат дома, за вршење одредена услуга сепак се “приучени’’, односно имаат само површни познавања од занаетот. Каде замина обучената работна сила, особено ако имаме предвид дека нашата држава имаше реномирани “далеку познати’’ мајстори?
-Како и многу други работници, и занаетчиите во голем број решија да си ја побараат среќата во странство. Бидејќи државата не гледа проблем во извозот на работна сила (напротив, очигледно е среќна поради решавањето на проблемот со невработеноста), се јави недостиг на квалитетни занаетчии. Сето тоа создаде ситуација каде што се плаќа поскапо за помалку квалитетна услуга, но, повторно, тоа се правилата на капитализмот. Доста интересен е феноменот во Македонија каде многумина, негувајќи си утописка слика за капитализмот, не сакаат да ги видат ефектите на капитализмот, кога тие одат на нивна штета.
Како да се надомести оваа празнина ако добро ни е познат фактот дека младите лица не сакаат да се запишат во стручните училишта?
-Овие работни места се исклучително важни за нормалното функционирање на општеството. И државата, со својата финансиска моќ, треба да се вклучи за да го коригира пазарниот неуспех на ова поле. Треба да издвои финансиски средства за бесплатна обука на невработените лица што сакаат да ги научат овие вештини. Важна улога има и самото општество т.е. сите ние. Треба да престанеме да го потценуваме овој труд. На таков начин и нашите деца ќе престанат да го потценуваат и ќе имаат поттик да се запишуваат во стручните училишта.
Најавените даночни реформи предвидуваат оданочување на хонорарите. Дали и како во овој случај ќе се регулира ангажманот на овие поединци занаетчии на кои им плаќаме “на рака’’? Има ли шанса да се контролира оваа сива економија, бидејќи реално, оданочувањето би ги поскапело услугите кое секако не би одговарало на оние кои тие им се потребни?
-Сузбивањето на сивата економија во овој сектор нема да оди лесно. Но, јас би ѝ препорачал на оваа власт да не ја повторува грешката на претходната власт и да се обидува да го реши проблемот со сивата економија почнувајќи од „ситните риби“, истовремено оставајќи ги „крупните риби“ (домашни и странски) да одлеваат огромни суми неоданочени пари во даночните раеви. Би прокоментирал и општо околу даночните реформи. Очигледно многумина кај нас не се свесни колку сурова може да стане економската криза за само неколку месеци, на зима. Државата мора да располага со сериозни финансиски средства за да им помогне на најранливите наши сограѓани полесно да ја пребродат таа криза. А од каде тие пари? Ново заглибување во долгови, уште и при повишени каматни стапки? Капиталистите концентрираа невидено богатство поради нивното даночно привилегирање 30 години. Кризата што допрва ќе стане страшна е сосема доволна причина за да му се стави крај на ова привилегирање.
К.В.С.