СДСМ утрово повторно ја обвини партијата Левица дека претставува реална закана и вистинска опасност за продолжување на европскиот пат на државата.
Од партијата додаваат дека поради идеолошко озбеличување на ВМРО-ДПМНЕ, непромислениот популизам и деструктивноста, Мицкоски, како политичар без став и визија, станува заложник на Левица и Апасиев.
-Политичкиот пироман Апасиев, со Мицкоски како негов заложник, сака да ја доведе државата до раб на провалија. Државата, предводена од демократските сили на чело со СДСМ ќе продолжи по патот на интеграциите се до полноправно членство во ЕУ, затоа што тоа е гаранцијата за стабилна и сигурна иднина, соопштија од СДСМ.
Премиерот Димитар Ковачевски во неколку наврати истакна дека „Левица веќе го имаат во заложништво претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, како и самата ВМРО-ДПМНЕ“.
-Мицкоски е слаб, без став и без визија. Ние како политичари коишто ја гледаат државата во ЕУ, како граѓани коишто ја гледаат државата во ЕУ заради себе, заради нашите деца, заради идните генерации, не смееме да дозволиме политиката да биде креирана од такви политички пиромани коишто немаат никаква визија за државата, рече премиерот и претседател на СДСМ.