СДСМ бара ДКСК да ја повлече одлуката за случајот со дипломата на Христовски

од Nikola Popovski
48 прегледи

СДСМ постави три барања по одлуката на ДКСК дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски. СДСМ бара итно повлекување и преиспитување на одлуката од страна на ДКСК за случајот со дипломата на директорот на АНБ, расчистување на прашањето за конфликт на интереси во редовите на ДКСК и преуспитување на анализата направена од Државниот просветен инспекторат.

-Ова мора да биде целосно расчистено затоа што е удар не само врз угледот на ДКСК туку е дамка и за нејзината работа, рекоа од најголемата опозициска партија.

На завчерашната седница, ДКСК утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ, но истакна дека нема надлежност за директна експертиза на дел од документите.

Согласно образложението, од ДКСК побарале и им биле доставени податоци од надлежните институции во кои утврдиле дека заради апликација од страна на апликантот до Владата биле доставени уверение за државјанство, уверение за завршени студии за високо образование седми степен, одлука за одбрана на магистерски труд, уверение за испити положени од прв циклус, доказ за работно искуство, доказ за познавање на англиски јазик како и изјави во однос дека нема забрани за вршење професија, ниту привремена мерка за вршење дејност, како и да изјава дека не е член на политичка партија и дека не му е утврдено постоење судир на интереси.

Според ДКСК, сите доставени податоци биле во насока на исполнување на критериумите.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека нејзината членка, Цвета Ристовска нема две позиции во јавниот живот. Според ДКСК, Ристовска дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ – Економскиот Факултет во Скопје во 1991 година, а магистрирала на Универзитетот за туризам и менаџмент- економски науки, во 2011 година.

-Тоа што на веб-страната на ДКСК во делот на нејзината биографија стои дека магистерските студии се тековни е техничка грешка. Доколку медиумот се обратеше до нас или го контактираше членот на ДКСК Цвета Ристовска, како што налагаат новинарските стандарди и етика, истото ќе беше појаснето. Не е точен наводот дека мобилниот службен телефонскиот број на Цвета Ристовска исклучува и не постои. Медиумот воопшто не го контактираше членот Цвета Ристовска на нејзиниот мобилен службен телефонски број, како втор извор на информации, како што налагаат професионалните стандарди, рекоа од ДКСК преку соопштение.

Синоќа Универзитетот за туризам и менаџмент ја отстрани сликата на Цвета Ристовска од списокот на наставниот кадар. Ристовска, која повеќе од десет месеци беше дел од наставниот кадар на универзитетот и истовремено член на ДКСК сега е тргната од веб-страницата.

Ваквото соопштение од ДКСК следува по наводите објавени од телевизија Телма, дека Ристовска врши две функции. Едната како антикорупционер, а другата како дел од наставниот кадар на Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“, од кој диплома има Христовски. Предметот на завчерашната седница го реферираше Ристовска, која ѝ предложи на Комисијата, а таа едногласно прифати да го затвори предметот за Христовски. Со анонимната претставка до Антикорупциска беше оспорена факултетската диплома од Универзитетот Скопје на директорот Христовски, која тој ја пријавил за да ги исполни условите за функцијата.

Слични содржини