СДСМ: Две недели нема лекови на Онкологија – пари за тендери има, за живот нема

„Владата нема пари за лекови, има пари само за криминални тендери“, обвинуваат социјалдемократите

од Кристијан Димков
30 прегледи Фото: СДСМ

На Клиниката за онкологија веќе две недели има недостиг од клучни лекови, што предизвикува сериозна загриженост кај пациентите и јавноста. Според Социјалдемократскиот Сојуз, недостигаат основни терапии како Фезго, Палбоциклиб и Рибоциклиб, без кои не може да продолжи лекувањето на дел од пациентите со малигни заболувања.

„Тоа е денеска реалноста со криминалната власт на ВМРО-ОКГ. Граѓаните, болните, се оставени на милост и немилост.

Владата нема пари за лекови, има пари само за криминални тендери.

Пациентите се без лекови, додека има 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта.

Дали здравјето на пациентите е условено од тоа кога ќе се распише нов тендер за набавка на лекови?“, прашува најголемата опозициска партија.

Од СДСМ додаваат дека состојбата е крајно нехумана и недозволива, посочувајќи дека здравствениот систем се наоѓа во сериозна криза со проблеми на повеќе нивоа. Според партијата, наместо поддршка, лекарите се соочуваат со притисоци и потценување, без зголемување на платите, додека во исто време недостигаат и основни лекови за пациентите.

„Ова се случува пречесто откако ВМРО е на власт, а Клековски е прв човек на ФЗО.

Граѓаните не смеат да бидат жртви на тендер-коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ.

Бараме истрага за причините за недостигот на лекови и одговорност од сите инволвирани.“, додаваат од СДСМ