СДСМ е на историски крстопат под езгистенционална закана

„Да не се лажеме „смената“ на Заев, Црвенковски, Шекеринска од кормилото во СДСМ, беше на нивна воља, не дека некој одвнатре можеше да ги смени. Само Бучковски е исклучок, ради други веќе добропознати причини. За во ВМРО-ДПМНЕ да не правиме муабет: топ не ги биеше ниту Георгиевски, ниту Груевски, ако не сакаа самостојно да се повлечат од лидерската функција во партијата. Така ќе биде и со Мицкоски“

од Nikola Popovski
55 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Алсат-М ТВ

Искуството во триесет и петгодишната повеќепартиска демократија во Македонија, ни покажува преку практичните примери, дека македонските политички партии  се т.н „султан  лидерски“ партии, односно субјекти, кои се персонализираат исклучиво во лидерот на партијата. Да, тие имаат номинално партиски идеологии, платформи, ставови по надворешно-политичките случувања, но во суштина, тие зависат од неприкосновената  воља  на лидерот . Затоа се раѓаат авторитарни партии, кои потоа кога ќе ја освојат власта, практикуваат и авторитарен модел на управување. Да не се лажеме „смената“ на Заев, Црвенковски, Шекеринска од кормилото во СДСМ, беше на нивна воља, не дека некој одвнатре можеше да ги смени. Само Бучковски е исклучок, ради  други веќе добропознати  причини. За во ВМРО-ДПМНЕ да не правиме муабет: топ не ги биеше ниту Георгиевски, ниту Груевски , ако не сакаа самостојно да се повлечат од лидерската функција во партијата. Така ќе биде и со Мицкоски. За другите, таканаречени помали политички партии, воопшто не дискутирам, тие се де факто и де јуре приватни фирми на „лидерите“, во преносна , но кажи  речи и во буквална смисла на зборот. Затоа е јасно како бел ден, дека доколку Венко Филипче  не сака (читај З.Заев), не му дозволува да си поднесе оставка, а како што гледаме, тоа е така, тој и понатаму ќе смета дека треба да остане лидер и ќе остане и покрај ужасниот и катастрофален  пораз на СДСМ на локалните избори оваа есен. Тогаш што е проблемот на оваа партија, меѓу другото  освен лидершипот со кој нејзините гласачи не се поистоветуваат во овој даден момент? Освен граѓаните кои биле некогаш електорат на социјалдемократите, членството на СДСМ, веќе јавно лидерот го доживува како кукла на конци, продолжена рака и измеќар на браќата познати  како „кланот од Дубаи“, кои ја претворија „државотворната партија“ во приватна  своина. И таа веќе еднаш добро залепена етикета, тешко може да ја одлепи од себе, независно дали е тоа вистина ил не. Но СДСМ покажа и нешто друго на овие избори, дека ако најде соодветни, доброприфатени, конкуренти и на крајот победнички персонални кадри, може и да се надева на успех и победа.

Има ли победнички кадри во СДСМ?!

Примерите со победите на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, потоа на Сашо Митовски во Крива Паланка, Соња Стаменковска во Македонска Каменица, и останатите во Богданци и 2-3 помали општини, ни покажува дека и покрај епскиот пораз на партијата, нејзиното потонување во понорот, целосната маргинализација и неуспех, граѓаните во овие општини препознале квалитет, понуда и кадри за кои сметале дека се правиот избор во однос на своите противкандидати  и им ја дале довербата. Особено за Герасимовски во Центар, најурбаната Општина во Македонија, која во минатото знаела да биде освоена од ВМРО-ДПМНЕ или нивни помал заеднички кандидат, но не и во овој случај, што е доказ  дека персоналниот кандидат и тоа како прави разлика. Ако Горан, Сашо , Соња и малкуте преостанати биле полн погодок, како кадровско решение, тогаш кандидатките на оваа партија за Скопје и Карпош, кандидатите за Куманово и Струмица, општини кои биле „историски просдсмовски“, и главниот град како круна на локалните избори, беа ужасни и катастрофални решенија, кои се посрамотија и себе си, а со тоа и партијата. Некои од нив не влегоа ниту „на бараж“ во општини кои доминантно се центар-лево ориентирани. Но за овие кадровски промашувања и ужасни порази, освен тие, мора одговорност да сноси пред се и првиот кадровик во партијата, односно лидерот на истата. Затоа велам дека „рибата смрди од главата“ и дека вие не може да очекувате да ги смените сите до еден, од прв до последен , а вам да не ви фали влакно од главата. Не ја бива таа работа така. Но освен јавно и храбро истапување на првиот партиски човек во општинската организација на СДСМ  во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, кој е поранешен пратеник и директор, со децениско искуство и тежина во партијата, кој отворено побара оставка и од лидерот Филипче, и од екс градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов, кој исто така експлицитно побара одговорност за ужасот на локалните избори оваа година поставувајќи го прашањето за егзистенционалниот опстанок на партијата, кај другите гледаме „целибатски молк“. Тишина, поголема од таа на Атос на Света Гора, небаре се монаси , а не актуелни и поранешни партиски функционери. Се поставува прашањето дали овие ликови ,народски  кажано  „немаат муда“, да влезат во фајтерска битка за преземање на приватизираната партија од „кланот од Дубаи“, поради нивниот карактер, или пак премногу со компромати и закани за кривични пријави ги „држи в џеб шеикот од Дубаи“, во корелација и договор со владејачката партија, само и само да си ги заштити стотиците милиони, да не речам милијарди и тој и неговото најтесно семејство да останат нечепнати од органите на проногот. Бидејќи едно време беа постојано етикетирани како најголеми криминалци, за денес да гледаме дека влакно не им фали.

Ќе завршли ли СДСМ како БСП на маргините?!

Како и да е, партијата со овој „лидер“ и оваа „политика“ оди кон небиднината и егзистенционалниот минимум, и јас постојано ја споредувам со Бугарската социјалистичка партија (БСП), која како наследничка на комунистите може најдобро да се компарира со наша СДСМ, како наследничка на СКМ. Односно, како тргнала СДСМ, нема да заврши како ПАСОК, во Грција и да и се случи пасокизација како што предвидува лидерот на опозициската Левица, Димитар Апасиев, ами БСПизација, бидејќи  ПАСОК е веќе втора сила кај нашиот јужен сосед. Како тргнала СДСМ, може да биде четврта по број на освоени гласови на идните парламентарни избори. Што значи  тоа? Епа БСП, од главна опозициска партија на ГЕРБ и на лидерот Борисов, стана помал коалициски партнер во влада на ГЕРБ и други  две партии. И денеска е една од најомразените партии во соседна Бугарија, со огромни шанси да не влезе во идниот бугарски парламент, догодина на предвремените парламентарни избори, односно да не го премине прагот од 4% за влез во бугарскиот парламент. Не знам, дали СДСМ ќе заврши како помал коалициски партнер  на  ВМРО-ДПМНЕ, во периодот на догледна  иднина, или сепак нема да го направи тоа харикири. Како и да е, ако во многу скоро време, не ги убеди прво членовите, потоа симпатизерите , на крајот граѓаните дека се вистинска и реална опозиција на власта, тогаш трајно ќе завршат на маргините на македонската политичка сцена во еден процес на иреверзибилност на настаните. Што ќе е лошо за нив, но уште полошо за демократијата на државата!

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини