Денеска се сеќаваме на еден од најголемите државници во нашата историја, човекот кој со својата мудрост и визионерство постави темели на модерната македонска држава. Неговите вредности, историските одлуки и државничкиот пристап оставија трајни белези во нашето општество и се патоказ за нашата борба за напредок и просперитет, соопштија од СДСМ по повод 13 години од смртта на првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров. Од партијата информираа и дека партиска делегација го посети вечното почивалиште на поранешниот шеф на државата на гробиштата Бутел, каде што положија свежо цвеќе.
СДСМ истакна дека Глигоров е симбол на дијалог, помирување и обединување.
-Во најтешките моменти за нашата држава, тој покажа лидерство и визија кои овозможија стабилност и напредок. Неговата верба во заедништвото, демократските вредности и европските перспективи остануваат наша инспирација за иднината, соопштија од најголемата опозициска партија, додавајќи дека ги следат патеките на визијата на Глигоров за напредна и демократска Македонија.
И владина делегација положи цвеќе на гробот на Глигоров, предводена од министерот Горан Минчев.
Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. Како политичар, во рамките на поранешната југословенска федерација ги вршел сите значајни функции, вклучително и претседател на Сојузното собрание на СФРЈ, од 1974 до 1978 година.
Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.
На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.
На 3 октомври 1995 година преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата Македонија во непосредна близина на хотелот „Бристол“.
По пензионирањето беше активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател – „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат – ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“.
Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.