Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски денеска рече дека и жителите на Гостивар масовно пријавуваат неправилности во избирачкиот список.
Тој вели дека клучно во наредниот период е Државната изборна комисија да направи и теренска проверка со што ќе се отстранат неправилностите од избирачкиот список.
– Нерегуларностите во избирачкиот список ги создаде бандата на Никола Груевски, Мијалков и Ставрески за да ги крадат изборите. Десет години ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат мнозинство и контрола над министерството за внатрешни работи и не направија ништо за да се отстранат овие нерегуларности. За сите криминали, оние што ги сториле ќе одговараат. Затоа е клучно Уставниот суд во среда да одлучува согласно Уставот, а не согласно партиските наредби на ВМРО-ДПМНЕ. Деновиве гледаме дека и Ѓорге Иванов знаел да зборува. Кога е тоа веќе така, го прашуваме јавно да одговори дали ги прифаќа ингеренциите да аболицира криминалци коишто го прекршиле изборниот законик? Јавно го прашуваме дали има добиено наредба и дали планира да ги аболира криминалите на Никола Груевски, Мијалков и Ставревски – изјави Манчевски.
Одговарајќи на новинарско прашање какви нерегуларности се пријавуваат во Гостивар, Манчевски вели дека подетални информации ќе можат да дадат откако ќе ги сублимираат податоците кои ги имаат добиено преку телефонската линија на партијата на која граѓаните можат да пријавуваат нерегуларности.
