СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа и за влезот на Црна Гора во НАТО

од desk3
81 прегледи

Дебаклот на економските политики на Никола Груевски е проследен и со уште еден пораз на меѓународен план, реагираат од СДСМ.

„Министерскиот совет на НАТО донесе одлука Црна Гора да биде поканета за нова членка на Алијансата. СДСМ им честита на граѓаните на Црна Гора за овој успех на земјата. За жал, додека земјите од регионот чекорат напред во евро-атланските интегративни процеси, Македонија, со Никола Груевски, десет години стои во место“, пишува во соопштението на СДСМ.

сдсм и вмро

Оттаму додаваат дека за Никола Груевски приоритет во изминатите години не биле решавањето на отворените прашања, реформите и напредокот на земјава, туку тендерите и бизнис-интересите на фамилијата.

„Поради погрешните политики на Никола Груевски, Македонија и сите нејзини граѓани неповратно загубија десет години“, наведено е во соопштението на опозицијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ единствен проблем за влез во НАТО е проблемот со името.

Се бараат резервистите, АРМ не може во потполност да се справи со кризата со мигрантите

Нема граѓанин во Република Македонија што досега не се увери дека единствен проблем поради кој Република Македонија не е полноправна членка на НАТО е проблемот што Република Грција го има со нашето уставно име, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Република Македонија ги исполнува сите услови за влез во Северно-атлантската алијанса уште од самитот во Букурешт. Тоа го знаат и сите наши меѓународни партнери и пријатели, кои нè поддржуваат во нашите напори. Тоа го потврди и Меѓународниот суд во Хаг со донесената пресуда за неоснованоста на грчкото вето. Овие факти не ги прифаќа само соседна Грција и раководството на СДСМ. Со денешното соопштение, СДСМ сака да најави некакво ново решение. Проблемот е премногу сериозен и граѓаните на Република Македонија мора да знаат која е понудата на СДСМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владеачката партија прашуваат која е причината што СДСМ повторно игра на истата карта и го актуелизира истото прашање и дали има нешто што јавноста не го знае, а раководството на СДСМ го договрило и го крие.