СДСМ ќе ги извести НАТО и ЕК за назначувањето на Христовски за директор на АНБ

од Nikola Popovski
199 прегледи

Нов директор на Агенцијата за национална безбедност е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган, соопштија денеска од СДСМ откако беше обелоденето дека Бојан Христовски е назначен за нов директор на АНБ.

Дури и да се има формално Христовски повлечено од партијата, велат од СДСМ, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на Законот и на меѓународните стандарди, особено оние на НАТО.

-СДСМ се противи на оваа политизација на безбедносните служби и бараме власта да го повлече ова незаконско назначување. Христовски треба да биде разрешен и да биде назначен нов директор на АНБ. За ова СДСМ ќе ги извести нашите стратешки партнери, земјите членки на НАТО преку нивните амбасасади и Европската комисија, рече Миле Талески, пратеник на СДСМ.

На владина седница беше разрешен од должноста досегашниот Зарко Милошевски и на негово место поставен Христовски кој извесно време беше директор и на ЈП Паркинзи Скопје.

Од Владата велат дека Христовски има повеќегодишно искуство во безбедносните институции, а на директорската позиција доаѓа од МВР.

Сега веќе новопоставениот директор на АНБ до неодамна беше и претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, но од Владата велат дека Христовски ја напуштил партијата во 2023 година, но не прецизираат кога точно се случило тоа. Христовски на социјалните мрежи до неодамна споделуваше и објави во кои тој промовира одлуки на актуелната влада на премиерот Христијан Мицкоски.

За време на раководењето на Христовски со „Градски Паркинг“, во анкетниот лист кој го доставил до ДКСК пријавил дека поседува стан во Скопје, мотор „Пјаџо Беверли“ и автомобил „БМВ 320“.

Агенцијата за национална безбедност почна да функционира во 2019 година, по реформите кои беа спроведени во безбедносниот сектор, а со кои престана да функционира Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во рамки на Министерството за внатрешни работи.

Слични содржини