СДСМ: Кој ги ослободи криминалците? Силјановска да преземе одговорност!

од Илинка Илиоска
28 прегледи

СДСМ остро ја осудува последната фарса на власта и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која, наместо да преземе одговорност за скандалозните помилувања, се обидува со театрални потези да го смири гневот на јавноста.

„Претседателката лично ги потпиша одлуките за помилување на криминалци и членови на нарко-кланови, лица кои беа осудени за тешки кривични дела. Еден од тие помилувани лица, Акиф Бејадин Равманоски, кој е поврзан со нарко-кланот „Барон“, беше уапсен веднаш по неговото ослободување под сомнение за обид за убиство.

Дали со ова апсење МВР се обидува да го покрие скандалот со помилувањата и да ја намали штетата од катастрофалната одлука на претседателката?

Токму на ова предупредуваше СДСМ и опозицијата – дека криминалците кои ги ослободи Давкова претставуваат закана за јавната безбедност.

Овие апсења не може да ја оттргнат одговорноста на Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ – тие ги ослободија криминалците, и сега, кога тие повторно прават злосторства, се обидува да ја амортизира штетата со спектакуларни апсења.

СДСМ прашува: зошто беа помилувани лица осудени за обид за убиство и поврзани со нарко-кланови и кој го нарача тоа? Зошто овие опасни криминалци повторно се на улиците, наместо зад решетки? И дали ова е дел од планот на власта да ги заштити криминалците, додека граѓаните секојдневно се чувствуваат помалку безбедни?

Претседателката Силјановска не може да се крие зад Комисијата за помилување. Таа е таа која има последен збор, и таа мора да одговори зошто ги ослободува овие лица и дали со ова директно ја загрозува безбедноста на граѓаните. Време е власта да престане да ги штити криминалците и да започне вистински да се грижи за граѓаните.

Граѓаните заслужуваат вистинска одговорност и сериозен однос кон нивната безбедност“, велат од СДСМ.

Слични содржини