СДСМ: Наставниците ќе добијат достоинствени услови за работа

од Vladimir Zorba
119 прегледи

profesor-ucenici-srednoskol

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија им го честита на македонските просветни работници Меѓународниот ден на наставниците со порака дека „иако се соочуваат со бројни проблеми, наскоро ќе добијат квалитетни и современи услови за работа“ и дека заедно ќе изградат ефикасен образовен систем.

– Наставниците се важен дел не само за наставниот процес, туку и за целокупниот развој на децата, но истовремено тие се категорија на работници кои најмногу беа погодени од катастрофалните политики на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Секоја нова таканаречена реформа, всушност, беше нов стрес за наставнците и одеше на директна штета на целиот образовен процес, пишува во честитката на СДСМ додавајќи дека на наставниците им се наметнати административни задачи наместо да се посветат на наставата.

Опозициската партија во соопштението наведува дека „по демократските промени, наставниците ќе добијат достоинствени услови за работа“.

– По промените, наставниците нема повеќе да се занимваат со екстерно оценување и со други административни задачи кои ги дефокусираат од наставниот процес. Наставниците се премногу важен дел од целокупното општество и токму затоа тие мора да добијат повисоки плати, поквалитетни простории и помагала за работа. По промените, СДСМ посветено ќе работи на подигнување на квалитетот на целокупниот образовен систем и ветуваме дека просветните работници повторно ќе бидат горди на својата професија, пишува во честитката на СДСМ по повод Меѓународниот ден на наставниците.