Дрскоста на власта на ВМРО-ДПМНЕ оди дотаму што на најубавиот дел од Охридското Езеро лажно им ветува на граѓаните дека ќе биде изградено пристаниште за 20-тина пловни објекти. Таканаречената „марина“ или „мало пристаниште“ всушност ќе биде приватен ресторан на лица блиски од власта, обвини денеска координаторот на советничката група на СДСМ од Охрид, Јован Стојаноски.

– Со ваков проект ќе биде нарушен еколошкиот систем на Охридското езеро. Дополнително, граѓаните на Охрид нема да добијат соодветен економски ефект ниту да имаат побогат општински буџет. Очигледно од ова корист ќе имаат само поединци блиски до власта. Затоа ли нема мислење од експертите за заштита на еколошката компонента од изградбата на ваков објект? Затоа ли мислењето на граѓаните е исклучено целосно? Јавноста и граѓаните, мора да бидат вклучени во една поширока јавна расправа за тоа како треба да изгледа пристаништето – побара Стојановски.
Тој рече дека несомнен заклучок е дека власта во заминување не се грижи за Охрид туку само за својот бизнис интерес.
– Додека ВМРО-ДПМНЕ купува скапи партиски седишта, државниот имот којшто им припаѓа на сите граѓани буквално го распродава на свои блиски поддржувачи кои потоа стануваат финансиери на партијата – истакна советникот Стојановски.
Илија Арнаудоски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ,соопшти дека Охрид ќе добие нова голема марина, како реакција на СДСМ Охрид од каде денеска рекоа дека на местото на ветената марина, блиски луѓе на ВМРО-ДПМНЕ ќе отворат ресторан.
– Знаеме дека за нив не е својствено, но сепак кога веќе ги измешале поимите очекуваме да ја пофалат локалната самоуправа дека конечно после 40 години се нашло решение на овој проблем. Нејасно е каде беа овие луѓе во сите изминати години години за да се погрижат за изградба на малото пристаниште а да не заборавиме дека 10-ина години беа локална власт во нашиов град, години кога малото пристаниште најмногу се оштетуваше и од година во година стануваше се погрда слика за Охрид. Логично е сите ние да се запрашаме, зошто СДСМ Охрид не презеде ниту една активност за уредување на овој простор кој во моментов не исполнува еколошки ниту каков и да е друг стандард , односно е опасен за безбедноста на сите луѓе кои се наоѓаат во негова близина? – рече Арнаудоски.