СДСМ најостро го осудуваат насилничкиот инцидент во кој што е исечена гумата на автомобилот на потпретседателката на партијата, Фросина Ременски. Велат, во кус временски период ова е трет случај на насилство врз Ременски и додаваат:

„Ова е направено во периодот вчеравечер, меѓу 18.30 и 22 часот, пред Владата на РМ, на 10 метри од куќарката на полицаецот, каде што било паркирано возилото, во време додека потпретседателката Ременски говореше на дебатата за правата на полицајците, организирана во Кампот на слободата.
Случајот е уредно пријавен во полиција.
Ова е трет случај на насилство насочено кон потпретседателката на СДСМ, Фросина Ременски за кус временски период.
Пред месец и половина каменувана е семејната куќа на потпретседателката Ременски во Крива Паланка, во којашто живеат нејзините родители, при што се скршени прозорци на куќата. И овој случај е пријавен во полиција, но досега нема информации за спроведена истрага и резултати од неа. Претходно е уништен дворот на истата куќа.
Зачестените инциденти врз припадници и поддржувачи на опозицијата или критичари на власта упатуваат на политички мотиви.
Апелираме веднаш да се прекине со провокациите коишто не им носат добро на граѓаните на Република Македонија, а од чесните вработени во МВР очекуваме професионален однос и обелоденување на налогодавачите и извршителите на подмолните акти.“