СДСМ поднесе закон за намалување на ДДВ за струја од 18% на 5% и укинување на ДДВ на храната

од Nikola Popovski
26 прегледи

СДСМ денеска во македонското Собрание ги поднесе првите законски решенија од пакетот економски мерки за, како што велат, спас на економијата и животниот стандард на граѓаните. Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој бараме намалување на данокот за електричната енергија од 18% на 5%, но и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од 5% на 0%. Со овие предлог-измени, бараат системска реализацијата на две од седумте економски мерки на СДСМ.

-Намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13% пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари – износ што, наместо да оди во државниот буџет, ќе остане во семејните буџети. Додека пак, укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи ќе донесе до поевтинување на храната, односно намалување на цените на основните прехранбени производи за 5%, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.

Според него, мерките на Владата за намалување на цените доживеаја целосен дебакл како што се т.н. „антикризни празнични кошнички“.

Претходно од СДСМ најавија дека бараат и замрзнување на цените на основните производи во следните три месеци, фиксирање на маржите на основните производи, итно спроведување на Законот за нефер трговски практики, намалување на цената на зелениот картон на автомобилите и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите.

Откако Министерството за економија даде предлог до Владата да се донесе мерка за ограничување на маржите за 10%, се уште не е донесена конечна одлука. И додека оттаму се чека последниот збор, граѓаните се надеваат дека овој чекор ќе даде некаков ефект.

Врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат, кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците дистрибутери се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.

Слични содржини