
Мизерниот животен стандард на граѓаните го потврди и Државниот завод за статистика со само 2,2 проценти раст на бруто-домашниот производ (БДП). Од 2007 година заради недомаќинското водење на економијата од страна на неодговорната власт, просечниот раст на БДП е заглавен на ниво од три проценти што е премалку за подобрување на животниот стандард на граѓаните, се вели во соопштението на СДСМ.
Во него исто така се додава дека, „како резултат на промашените економски политики државата денеска се соочува со брзорастечки јавен долг, забавен економски раст, домашна неликвидност и намален меѓународен рејтинг.“
– На Македонија и се потребни и економски промени преку просечни стапки на економски раст од над пет проценти коишто ќе ги постигнеме преку структурни реформи и промена на структурата на бруто-домашниот производ. Преку поврат на дел од данокот на додадена вредност (ДДВ) кон граѓаните ќе воведеме сегментиран државен стимул кај граѓаните со понизок доход со што вистински ќе се стимулира потрошувачката компонента на БДП – се вели во соопштението на СДСМ.
Од опозициската партија додаваат дека ќе работат на зголемување на инвестицискиот потенцијал во приватниот сектор со што ќе ги зголемат бруто-инвестициите како важна компонента на БДП.