Поради ковид кризата, македонските аеродроми во Скопје и Аеродром бележат 782.876 патници, односно 71% помалку во однос на 2019. година. Како што посочуваат, за да се надмине оваа ситуација, веројатно е неопходно да се направи системско тестирање на патниците на аеродромите, што аеродромскиот оператор веќе и го предложил на Владата.
„Поради одлуките на владите поврзани со КОВИД-19 и ограничувањата на патувањата ширум светот, 2020 година беше многу тешка година за авијацијата, следствено на тоа и за ТАВ Македонија. Скопскиот и охридскиот аеродром беа затворени за сообраќај на патници цели 3,5 месеци – од средината на март 2020 година до 1. јули 2020 година. По повторното отворање, се соочивме со забрана за патување во ЕУ/Шенген за македонските граѓани. Тоа резултираше со намалување на бројот на патници за 71 процент за целата 2020 година (јануари-декември 2020) или од 2.677.618 патници на двата македонски аеродрома во 2019 година, 2020 година ја завршивме со вкупно 782.876 патници“, изјавија за МИА од ТАВ Македонија, концесионер на аеродрмите во државава.
Инаку, најголемата пречка за закрепнување на македонскиот воздушен сообраќај е забраната за патување поради КОВИД-19 воведена од земјите на ЕУ/Шенген за носителите на македонски пасош.
„Една од опциите за надминување на оваа состојба е иницијативата што ѝ ја предложивме на Владата на Република Северна Македонија – систематско тестирање за КОВИД-19 на аеродромите во Скопје и Охрид, што доколку биде прифатено од ЕУ, треба да овозможи слободен влез на македонските граѓани во земјите на ЕУ каде е концентриран над 77 проценти од македонскиот воздушен сообраќај“, наведуваат од ТАВ Македонија.
Пред почетокот на кризата аеродормскиот оператор најави дополнителни вложувања во аеродормите во Скопје и во Охрид. Договорените специјални проекти дефинирани од Владата, како што велат од ТАВ Македонија се приоритетни точки. Ќе бидат реализирани согласно поврзаните аеродромски проекти. Од временски аспект, информираат, нивната реализација ќе биде во линија на закрепнувањето на авиосообраќајот од КОВИД-19.