Парите не се проблем, има за нови лекови, но се чека да се формира Управниот одбор на Фондот за здравство за да заврши процедурата. Ова денеска го обелодени министерот за здравство, Арбен Таравари.
-Инаку, од наша страна е испратено пред две недели со согласност од Фондот. Штом ќе има прва седница Управниот одбор на Фондот позитивната листа ќе ја промовираме заедно со директорот на Фондот за здравство, изјави Таравари на новинарски прашања по посетата на Детската клиника.
Според Таравари, не се спорни деветте лекови, тие се прифатени и оти нема да има некаква голема финансиска импликација, повторувајќи дека по 14 или 15 години ќе биде проширена позитивната листа и дека до крајот на годината може ќе има дополнување од уште неколку лекови.
Лекарите со години алармираа дека е потребна современа терапија. Граѓаните плаќаат здравствено осигурување, а 70 проценти од лековите ги купуваат приватно. Новите генерации на лекови имаат во себе двојна – тројна терапија, со една таблета пациентот зема два или три лека и има поголема корист. Ревидирање на позитивната листа најавуваа и претходниците на Таравари, но не се случи тоа.