На предлог на градоначалничката Данела Арсовска, Советот на Град Скопје денеска донесе Одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Сарај за финансиско учество за изработка на урбанистичко планска документација за подобрување на водоснабдувањето во селата Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ и Ласкарци во општината Сарај. Решавањето на деценискиот проблем со водоснабдувањето во населените места Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ и Ласкарци е меѓу приоритетните проекти што ги најави градоначалничката Арсовска на прес-конференцијата одржана пред една недела, а на кои во наредниот период ќе се посвети Градот Скопје.
– Сегашната состојба на системот за водоснабдување на селата Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ и Ласкарци не ги задоволува основните потреби на жителите на овие населени места за снабдување со вода за пиење. Ова е горлив проблем со кој локалните жители секојдневно се соочени и затоа заедно во соработка со Општина Сарај, пристапуваме кон решавање на овој децениски предизвик. Со цел да се надмине сегашната состојба и да се овозможат поквалитетни услови за живеење, Град Скопје и Општина Сарај пристапуваат кон изработка на урбанистичко планска документација за подобрување на водоснабдувањето, според која се планира да се отпочне со изградба на нов систем за водоснабдување – објасни градоначалничката Арсовска.
Исто така Советот на денешната седница ја усвои одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Сарај за реконструкција на спортски терени во склоп на паркот Сарај.
Со истата се предвидува реконструкција на 6 спортски терени во рамки на паркот Сарај, а работите на терен ќе ги реализира јавното претпријатие „Улици и патишта“.
Овој проект се реализира на барање на граѓаните, а со неговата реализација ќе се овозможи на сите посетители на паркот во Сарај да можат да се рекреираат на целосно реконструирани спортски игралишта.
Со овој проект ќе се врати сјајот на едно од најстарите излетнички места во Скопје, кој е изграден во далечната 1948 година и се простира на површина од 240.000 квадратни метри.